
Холандската влада планира да воведе данок на шеќер, што би можело да влијае на цените на безалкохолните пијалоци и одредени видови пиво.
Се очекува дека мерката би можела да донесе околу 900 милиони евра приходи и да ги охрабри граѓаните да усвојат поздрави навики, објавува NL Times.
Плановите на холандските власти предвидуваат воведување данок на шеќер за сите производи што содржат повеќе од шест проценти шеќер, па по зголемувањето на цената, цената на литарско шише Кока-Кола би била за 25 центи повисока, додека цените на другите производи би се зголемиле за околу едно евро по пакување.
Воведувањето данок врз основа на содржината на шеќер во прехранбените производи ќе биде многу посложено, предупредија изворите, додавајќи дека владата ќе се соочи со голем број прашања, како што се кои производи да се вклучат, а кои да се ослободат.
Слични предизвици се појавија кога се разгледуваше намалувањето на ДДВ за овошјето и зеленчукот.
За разлика од намалувањето на ДДВ-то за овошјето и зеленчукот, што на тој начин би ги направило поевтини, данокот на шеќер би ги зголемил цените на производите со висока содржина на шеќер, како што се газираните пијалоци, овошните сокови, енергетските пијалоци, но и безалкохолното пиво и пивата со многу ниска содржина на алкохол.
Здружението на супермаркети CBL во Холандија предупреди дека цените на храната би можеле да пораснат за 10 проценти следната година, делумно поради владините мерки, вклучувајќи го и данокот на шеќер, но и поради зголемените патарини за камиони и даноците за енергија.












