
Премиерот Христијан Мицкоски најави дека до крајот на неделата ќе има јасна позиција кој ќе добие поддршка за нов гувернер на Народната банка и оти изборот ќе биде на пленарна седница во Собранието на 20 мај. Еден од условите за поддршката од ВМРО-ДПМНЕ и Владата, како што изјави денеска, е стриктно бранење на фиксниот курс на денарот.
Мандатот на актуелната гувернерка Анита Ангеловска Бежоска која стапи на функцијата на 22 мај 2018 година, истекува, а Мицкоски уверува дека рокот ќе биде испочитуван.
– Веќе имавме разговори со претседателката во понеделникот на оваа тема, очекувам да ги продолжиме, до крајот на неделата ќе биде јасна позицијата. Очекувам в понеделник да биде информирано Собранието, на 20-ти ќе има седница, разговарав со претседателот на Собранието за дополнување на дневниот ред на 20, така што рокот ќе биде испочитуван, рече Мицкоски.
Мицкоски посочи дека не е важно кој е негов фаворит, нагласувајќи дека сите кандидати се вонсериски искусни и оти е убеден дека ќе ја одржат макроеконоската стабилност.