Нов концепт на поседување автомобили без документација!?

164

Во развиените земји луѓето сè повеќе ја напуштаат стандардната процедура на поседување автомобили и преминуваат кон нов начин, а најновиот изум е – месечна претплата за автомобил.

Тоа е систем којшто им овозможува на своите корисници да користат автомобил кога им е потребен и без сите давачки што се потребни за да поседуваат автомобил.

Споделувањето автомобили се заснова на фактот дека компанијата за споделување автомобили поседува одреден број патнички возила што членовите на таа организација ги имаат на располагање. Сè што треба е возачка дозвола, а цената е членство и километража или часови за користење. Тоа е апликација преку којашто го лоцирате најблискиот достапен автомобил, резервирате и почнувате да возите.

Како функционира претплатата за користење автомобил?

Целата постапка функционира исто како да се претплатувате за некое списание или за некоја мобилна услуга. Секој месец добивате право да го користите автомобилот за одредена сума, без дополнителни трошоци, освен потрошено гориво. Овој концепт е веќе достапен во земји како Велика Британија и Германија. Бројот на километри генерално е ограничен, иако има случаи кога такво ограничување не постои. И сега, прашањето е, каде е разликата со лизингот? Разликата е во тоа што можете претплата да ја прекинете без никаква документација или пак со телефонски повик.

И, најинтересно, можете да го менувате автомобилот што го возите во рамки на претплатата. Исто така, иако бројот на километри е генерално ограничен, има и додатни услуги коишто нудат можност за префрлање на неискористените километри до следниот месец. Ако претерате со возење овој месец, тогаш се плаќа секој дополнителен километар (во Германија секој изминат километар се наплаќа 20 центи).

И тоа е тоа, без документи, договори, казни ако доцните, одење на сервис итн. Ако решите да се откажете од поседување возило, моделот на претплата може да биде вистински погодок за вас.