Нов пад на криптовалутите: Биткоинот падна под 17.000 долари

25

Пазарот на криптовалути претрпе нов удар оваа недела кога крипто берзата FTX се соочи со повлекување капитал.

Tокенот на оваа берза FTT падна од 19 долари на 3,15 долари во текот на денот во вторник. Тоа е пад од над 80 отсто, а се шпекулира дека сопственикот на FTX, Сем Банкмен-Фрид, изгубил околу 14 милијарди долари во тој процес.

Паничниот бран повлекувања на пари од крипто-пазарот влијаеше и на другите криптовалути, при што биткоинот изгуби повеќе од 10 отсто од својата вредност во вторникот и падна под 17.500 долари во еден момент, откако конечно ја проби границата од 21.000 долари минатата недела. Во последните два дена изгуби повеќе од 15 отсто.

Вредноста на биткоинот продолжи да паѓа, па утрово биткоинот се тргува по цена од 16.679 долари.

И другата голема монета етериум исто така изгуби речиси 20 проценти во овие два дена.

Целосен колапс беше спречен од најголемата кинеска берза за крипто Binance (Binance), која даде необврзувачка понуда за бизнисот на FTX надвор од Соединетите Американски Држави, откако Бринкман-Фрид им се обрати за помош поради несолвентност.

Интересно, “јуришот” на FTX започна по најавата на извршниот директор на Binance, Чангпенг Жао, дека оваа компанија ќе ги ликвидира своите позиции во токенот FTT поради „неодамнешните наоди“.
Нивната позиција беше тешки 580 милиони долари, што Бринкман-Фрејд немаше со што да исплати.

После тоа, оние кои го држеа токенот FTT во своите виртуелни паричници почнаа да го менуваат за долари, па инвеститорите излегоа со продажба на ФТТ во вредност од околу шест милијарди долари, што доведе до колапс на оваа криптовалута за повеќе од 80 проценти и колапс на FTX на берзата.

Поради големината на берзата FTX, некои го гледаат ова како еквивалент на колапсот на Lehman Brothers во банкарскиот сектор во 2008 година, кој беше поттик за глобалната финансиска криза.

Овој колапс е изненадувачки бидејќи FTX е една од најголемите крипто-берзи.

Сопственикот и директор на FTX, Банкмен-Фрид, се појави како еден од најзначајните играчи во текот на ова лето, кое беше означено како крипто-зима поради ниските цени на криптовалутите и малата побарувачка за нив, инвестирајќи повеќе од 1 милијарда долари во помагање на фирмите погодени од падот на цените на криптовалутите.

Она што сега ги загрижува инвеститорите е спојувањето на два толку големи играчи на пазарот на криптовалути и заканата од монополизирање на истиот.

Експертите предупредуваат дека е можно ова да не е крај, туку почеток на верижна реакција на овој пазар бидејќи компанијата Алмеида во сопственост на Бринкман-Фрид е еден од големите „маркетмејкери“ на пазарот на децентрализирани финансии (DeFi ), односно на пазарот на криптовалути и блокчејн. Според пишувањата на некои специјализирани медиуми, добар дел од капиталот на оваа компанија бил во FTT токен кој сега е неликвиден, па овој удар може да предизвика низа банкротства.

Ова потсетуваше на овогодинешниот колапс на криптовалутите Луна и УСДТ издадени од фирмата Teraformlabs, кои збришаа околу 60 милијарди долари од пазарот.

За основачот на Teraformlabs, јужнокореецот До Квон, е издадена потерница од Интерпол.

Во тој бран, банкротираа некои од големите играчи на крипто-пазарот, како што се Three Arrows Capital, Voyager Digital и Celsius.

Вкупната пазарна капитализација на сите криптовалути падна под 900 милијарди долари, што е намалување од претходниот рекорд од над 3 трилиони долари минатата година во ова време.