Нов рекорд: Годишната инфлација во Црна Гора достигна 11,7 отсто

18

Потрошувачките цени во мај годинава, во однос на истиот месец од 2021 година, се во просек повисоки за 11,7 отсто, покажуваат новите прелиминарни податоци на Заводот за статистика на Црна Гора – Монстат. Ова претставува нова рекордна вредност од периодот пред кризата во 2008 година.

За истиот период, усогласениот индекс на потрошувачките цени – кој се однесува на финалната потрошувачка на целото население на една земја и претставува споредлива мерка за инфлација со земјите од Европската унија – изнесува 10,6 отсто.

Според податоците на Монстат, од мај минатата до истиот месец годинава, најдрастично поскапување е забележано кај лебот и житариците од 37,1 отсто, потоа кај горивата од 34,2 отсто и кај зеленчукот од 30,8 отсто. Истовремено, цените на цврстите горива се зголемени за 26,3 отсто, маслата за 23,1 отсто, а млекото и јајцата за 21 отсто.

Значителен пораст на цените имаа и кафето и чајот (18%), слатките и медот (15,4%), месото (13%) и патниот транспорт (13,1%). Истовремено, најмногу паднале водоснабдувањето за 7,5 отсто, канализацијата за 4,8 отсто, а телефоните и опремата за 4,5 отсто.