Нов современ магацински простор на Алкалоид

52

download (3) Алкалоид пушти во употреба нов современ магацински простор за готови производи во Ѓорче Петров. Вкупната вредност на инвестицијата која е реализирана за само девет месеци чини 1,2 милиони евра, соопштија од фармацевтската компанија.
Магацинскиот простор е изведен на вкупна површина од 1.600 квадратни метри и висина од 13 метри, со 3.114 палетни места за високо-регално складирање на козметички производи и медицински помагала, стои во соопштението од компанијата. Магацините се опремени со сталажен систем со висина од 12,5 метри, а за манипулација со палетите со готови производи набавени се два високорегални компјутеризирани вилушкари со висина на подигање на товарот до 10,50 метри и стандардна магацинска опрема (рачни електрично-водени вилушкари, рачни палетни вилушкари и товарна хидраулична рампа). Просторот е изведен во согласност со најновите стандарди за ваков тип објекти со проверени сеизмички карактеристики и инсталиран софистициран систем за противпожарна заштита, со цел да се обезбеди максимална безбедност за вработените, објектот и материјалите во него. Управувањето со материјалите се одвива преку САП софтверски систем.
Поголем дел од средствата за оваа инвестиција се обезбедени од извори на компанијата, а дел се од WeBSEFF кредитната линија на ЕБОР (Европската Банка за обнова и развој), наменети за проекти со енергетска ефикасност кај кои се користат обновливи извори на енергија, наведуваат од компанијата.
“Во реализацијата на овој проект, водевме особено грижа за намалување на нивото на емисија на штетни гасови, заштеда на електричната енергија, инсталирање на топлинска пумпа која обезбедува енергија за климатизација на просторот, користејќи ги подземните води како ресурс, инсталирање на штедливи светилки и ЕКО фасадни панели за термичка изолација. Реализацијата на овој проект се одвиваше во согласност со заложбите на Алкалоид за општествена одговорност, грижа за заштитата на животната средина, безбедноста на вработените и за материјалните добра, при што сите стандарди и прописи во изведбата и функционирањето беа доследно почитувани”, велат од Алкалоид.