Нов технолошки подвиг на Volvo: Самоуправувачки автомобили на патишта

15

Volvo so nova tehnologija 2

Светски познатиот автомобилски бренд Volvo ќе направи тест возење во Кина, каде локалните жители ќе се возат во автомобили кои се самоуправуваат, најавуваат од компанијата Volvo cars.

Очекувањата на Volvo се во тестот да се вклучат најмалку 100 автомобили коишто ќе возат низ разни градови во Кина. Компанијата Volvo cars разговара со локалните власти да се обезбедат потребните дозволи, документи и инфраструктура за да продолжи експериментот.

Со воведувањето на технологијата за автономно управување (Autonomous Driving – AD), според менаџментот на Volvo, ќе се направи револуција на кинеските патишта во четири главни сегменти – безбедност, спречување на застој во сообраќајот, спречување на загаденост и заштеда на време.

“Самоуправувачкото возење значајно би придонело до поголема сигурност на патиштата. Новиот вид автомобили имаат голем број предности. Токму затоа, Владите треба што е можно побрзо да ја донесат легислативата за употребата на AD автомобилите. Автомобилската индустрија не може се да направи сама. Потребна ни е владина помош”, рече Хакан Самуелсон, претседател и главен извршен директор на Volvo на семинарот одржан во Пекинг со наслов “Самоуправувачко возење – може ли Кина да го преземе водството?“.

Самуелсон ги пофали чекорите што Кина ги направи со цел да произведе самоуправувачка технологија, но исто така, ги охрабрува да вложат поголеми напори и да ја забрзаат имплементацијата на регулативите (правилата, прописите) коишто би ги контролирале самоуправувачките автомобили во иднина.

Тој со задоволство ги поддржува залагањата на регулаторите и на производителите на автомобили во САД и Европа да развијат AD автомобили и инфраструктура, но исто така, охрабрува и двете страни да работат заедно и поконструктивно за да се одбегнат многубројните глобални регулации, технолошки дупликации и непотребни трошоци.

“Колку побрзо новите автомобили влезат во употреба, толку побрзо би се спасиле животите на луѓето. Она што сакаме да го нагласиме, односно нашата почетна поента е дека приватниот и јавниот сектор треба да работат заедно. Подобро е заеднички да ги оствариме нашите планови отколку да целиме кон различни насоки. AD не се однесува само за автомобилската технологија“, вели Самуелсон.

Независни истражувања покажуваат дека AD автомобилите придонесуваат до значајно намалување на бројот на сообраќајни несреќи. Дури 90% од сообраќајните несреќи се резултат на грешки направени од страна на возачите, нешто што во случајот со AD автомобилите не би се случило. Од аспект на сообраќајниот застој, овие автомобили овозможуваат сообраќајот да се одвива посмирено, намалувајќи го сообраќајниот метеж и на тој начин, да ги спречат штетните гасови. Најпосле, намалениот сообраќаен метеж го заштедува времето на возачите.

Оваа шведска компанија, чие име е синоним за автомобилска безбедност, од моментот кога го создаде заштитниот појас во 1959 година, е пионер во развојот на автомобилската безбедносна опрема и ветува дека никој не би бил сериозно повреден во новите модели на Volvo до 2020 година.