Нов тренд во Европа: Немаат место за станови па пренаменуваат аеродроми

58

Швеѓаните реагираат на станбената криза со претворање на аеродромот Брома во Стокхолм во 30.000 домови.

Во многу големи европски градови, цените растат со децении, поттикнати од комбинацијата на ниски каматни стапки, недостиг на земјиште и градежништво што не успева да биде во чекор со побарувачката.

Доколку работите се одвиваат според планот на шведската влада, аеродромот Брома во Стокхолм ќе биде затворен, а таму ќе никнат околу 30.000 нови станови, што би го ублажило проблемот со недостиг на станови и високи кирии.

Шведска не е единствената земја што се обидува да излезе со иновативни решенија за проблемите со недоволна понуда на станови.

На поранешниот аеродром во Берлин Тегел, кој беше затворен во ноември минатата година, градските власти планираат да изградат повеќе од 50.000 станови. Политичарите размислуваат и за изградба на социјални станови на поранешниот аеродром Темпелхоф во срцето на градот.

“На среден рок, потребни ни се околу 200.000 дополнителни станови“, рече членот на Комитетот за домување во Берлин, Себастијан Шил, додавајќи дека половина од тие станови треба да бидат изградени од јавниот сектор и субвенционирани според прописите за социјално домување.

Германскиот проблем

Пандемијата силно ги погоди европските економии и предизвика споредби со финансиската криза во 2008 година, но растот на цените на недвижностите се забрза во текот на изминатата година.

Стимул е побарувачката на вработените кои работат од дома и имаат потреба од канцелариски простор.

Во Берлин, трошоците за изнајмување стан се зголемија за 11% во последната година, се вели во извештајот на страницата за истражување на станбени недвижности Global Property Guide.

Ова е голем проблем за Берлин, каде само 17,4% од населението живее во сопствена куќа или стан. Во Германија како целина, приближно половина од населението живее во изнајмен недвижен имот, така што зголемувањето на цените на кириите за нив значи помал расположлив приход.

Меур со недвижнини

Во Стокхолм, Луксембург, Москва и Братислава, кириите се зголемија со двоцифрена стапка, а намалување е забележано само во мал број од градовите, вклучувајќи го и Мадрид.

Швајцарската банка UBS ги наведува Минхен, Франкфурт, Амстердам, Париз и Цирих како градови на кои им се заканува меур на цената на недвижнини.

Во четири од 12 европски градови, вклучително и Стокхолм, цените се превисоки, според глобалниот индекс на UBS, покажува закана од меур на недвижнини. Тие се разумни само во Варшава, Милано и Мадрид.

Повеќе штета отколку корист

Финската централна банка неделава предупреди на високо ниво на долг на домаќинствата, по предупредувањата од шведската Riksbank и многу други европски институции, што укажува на закана за финансискиот систем.

Европската централна банка (ЕЦБ) призна дека се формираат меури на недвижнини во делови од еврозоната, но негира системско преценување на недвижниот имот.

Таа ги повика регулаторите на земјите-членки да го решат проблемот, бидејќи единствената монетарна политика на еврозоната, чија цел е контрола на инфлацијата, е премногу тапа алатка за решавање на проблемите во одделни земји.

Во пандемија, лекувањето на европските станбени болки преку зголемување на основните каматни стапки би направило повеќе штета отколку добро, предупредуваат претставници на централните банки.

Фото: Pixabay