Нов „црн рекорд“ на германската станбена изградба – откажани проекти пријавиле 22,2 отсто од компаниите

76

Откажувањето на нарачките во германските станбени градежни објекти достигна ново високо ниво, предупреди минхенскиот институт IFO, кој ги објави резултатите од истражувањето на индексот на деловната клима во октомври.

Во текот на минатиот месец 22,2 отсто од компаниите пријавиле откажување на претходно договорени проекти, што е зголемување во однос на септемвриските 21,4 отсто.

„Ситуацијата е сè полоша и полоша, со сè повеќе проекти кои пропаѓаат поради високите каматни стапки и зголемувањето на цените на градежништвото“, вели Клаус Вохрабе, раководител на истражување во Институтот IFO.

Тој, исто така, предупреди дека има многу малку нови проекти во делот на станбената изградба, а се зголемува и „залихата“ на проекти кои доцнат и благодарение на кои компаниите ги ангажираа своите капацитети во периодот на намалена побарувачка за нови недвижности.

Во октомври, 48,7 отсто од компаниите анкетирани од IFO пријавиле недостаток на нарачки, наспроти 46,6 отсто во септември, додека пред една година, во октомври 2022 година, тој удел беше 18,7 отсто.

„Речиси половина од сите станбени градежни компании сега страдаат од недостаток на нарачки, а тој број расте секој месец. „Ваквата ситуација се заканува да создаде сериозни проблеми во бизнисот на неколку компании, а една од десет (меѓу учесниците во истражувањето) веќе пријавила дека се соочуваат со финансиски тешкотии“, се вели во писмената изјава на Вохрабе.