Нов Закон за платежни услуги и платни системи: ФинТек, нови услуги и финансиска инклузија на ранливите категории

2

Новиот Закон за платежни услуги и платни системи, кој од денеска е поставен за јавна консултација на Единствениот национален регистар за прописи – ЕНЕР, ќе придонесе кон либерализација на пазарот на платежни услуги. Тој ќе овозможи влез на нови даватели на платежни услуги, пред сè од ФинТек секторот и ќе поттикне дигитална трансформација на постојните учесници на пазарот. Очекуваното зголемување на конкуренцијата ќе придонесе кон создавање поширок и поквалитетен сет на платежни услуги за потрошувачите и компаниите.

Законот, на чија подготовка работеа тимот на Министерството за финансии заедно со тимот на Народната банка, во консултации со банкарскиот сектор и другите засегнати страни, ќе обезбеди и повисоко ниво на заштита на правата на корисниците на платежни услуги.

Воедно, со неговото носење ќе се подигне нивото на хармонизираност на домашната правна регулатива во подрачјето Слободно движење на капиталот, во рамки на нашиот пат за членство во ЕУ, како еден од предусловите за вклучување на Република Северна Македонија во Единствената европска платежна област (СЕПА).

Во рамки на овој закон, чија примена се очекува од почетокот на следната година, се предвидува и воведување платежна сметка со основни функции, која ќе може да ја отвори секој граѓанин. Отворањето на сметката како и неколку основни платежни услуги, за ранливите категории ќе биде бесплатно, со што ќе се подигне степенот на финансиската инклузија за која се залагаме.

Новиот Закон за платежни услуги и платни системи ќе придонесе кон одржување на ефикасен, сигурен и стабилен национален платен систем, подготвен за негова понатамошна платежна интеграција со платежната инфраструктура на ЕУ и пошироко.

Фото: Freepik