Нов Зеланд во строг карантин поради еден случај на коронавирус

44

Премиерката на Нов Зеланд, Jacинда Ардерн, денеска ја стави целата земја под строг карантин, откако беше пријавен нов случај на коронавирус во Окленд, најголемиот град во Нов Зеланд. Целиот Нов Зеланд ќе биде затворен три дена, почнувајќи од утре, додека градовите Окленд и Коромандел, крајбрежниот град каде исто така престојуваше заразеното лице, ќе бидат затворени седум дена, пренесува Ројтерс.

Согласно мерките од највисокото, четврто ниво на карантин, ќе бидат затворени сите училишта, канцеларии и бизниси, а ќе работат само неопходните услуги.

“Најдобриот начин да излеземе брзо од ова е да постапиме цврсто. Одлучивме да почнеме со најстрогите мерки со цел да го скротиме вирусот и брзо да го завршиме ова“, изјави Ардерн.

Здравствените власти претпоставуваат дека станува збор за делта сојот, иако ова засега не е потврдено.

“Можеби има уште заразени“, додаде Ардерн.

Нов Зеланд го имаше последниот случај на локално пренесување на вирусот во февруари. Земјата претходно донесе одлука границите да останат затворени до крајот на годината.

Фото: Facebook