Нова едукативна тренинг платформа на Организацијата на работодавачи на Македонија

27

Надградбата на знаењето и вештините на вработените е во фокусот на секој работодавач кој очекува прогрес и развој на својот бизнис. Токму ова е една од основните мотивации на Организацијата на работдавачи на Македонија, која со својата нова е-Платформа нуди уникатни, висококвалитетни обуки кои ги вклучуваат сите техники, вештини и знаења кои овозможуваат постигнување успех на професионален план. е-Платформа, со својот уникатен пристап и методологија е една од ретките дигитални платформи за обуки со фокус на компаниите од приватниот но и на јавниот сектор.

Како дел од својата палета на обуки, е-Платформа на Организацијата на работодавачи на Македонија нуди: бесплатни курсеви, еднодневни и тридневни обуки. Учесниците кои ќе бидат дел од едукативната тренинг е-Платформа на ОРМ ќе имаат можност низ целосно дигитализирани обуки со снимен видео материјал, да се стекнат со практични тренинзи и искуства. ОРМ ја вклучува и можноста учесниците во секое време да имаат пристап до обуките, сè со цел да се овозможи поефикасно совладување на истите.

Сите учесници ќе имаат можности за додатни прашања и информации кои им се потребни, а по завршувањето на одредени обуки тука е и тестот за проверка на знаењето како и дигиталниот сертификат. Покрај ова, ОРМ вклучува и додатни вебинари и најнови образовни технологии како дел од нивната нова е-Платформа.

Оние кои ќе бидат заинтересирани за деталите и можностите кои ги нуди е-Платформа на Организацијата на работодавачи на Македонија можат да ја искористат можноста да станат дел од истата преку едноставна регистрација на профил на страницата http://www.etp-orm.org.mk/. Со креирањето на профил на е-Платформа, новите членови имаат можности да ја одберат обуката која им е потребна, да ги следат обуките, да поставуваат прашања, да си ги проверат знаењата како и да се стекнат со дигитален сертификат.

е-Платформата изработена од страна на Организацијата на работодавачи на Македонија е финасирана преку проектот „Зајакнување на социјалниот дијалог“, кој го спроведува Меѓународната организација на трудот, со финасиска поддршка од страна на Европската Унија.

Повеќе информации за Организацијата на работодавачи на Македонија можете да најдете на http://www.orm.org.mk и на Facebook страната https://ggle.io/3uDT .