Нова експозитура на Охридска банка во Гевгелија

69

Охридска банка отвори нова експозитура во Гевгелија, лоцирана во центарот на градот. На отворањето присуствуваа претседателот на Управниот одбор на Охридска банка, Јитка Пантучкова и градоначалникот на општина Гевгелија, Иван Франгов.

Како и останатите експозитури и оваа е организирана според концептот на групацијата Сосиете Женерал и во целост ги исполнува нормативните стандарди на Групацијата од аспект на безбедност и кориснички сервис.

– Недостасуваше црвено-црното квадратче на мапата на експозитури за Гевгелија. Бевме посветени подолг период и чекавме вистинска можност за да го зајакнеме нашето присуство тука. Поради тоа, посебно сме горди на новата експозитура во Гевгелија. Гевгелија со околината претставува многу значаен регион за Охридска банка. Затоа оддаваме посебно значење на оваа инвестиција, истакна Пантучкова.

Експозитурата во Гевгелија е отворена за локалната заедница со целосен банкарски сервис за локалното население и за стопанствениците. Градоначалникот на Гевгелија, Иван Франгов изрази желби за тесна соработка на локалната заедница со банката.

– Очекуваме дека присуството на меѓународниот бренд Сосиете Женерал преку Охридска банка во Гевгелија ќе ја збогати банкарската понуда за нашите жители и ќе ги пресретне очекувањата на компаниите и граѓаните во Гевгелија, рече Франгов.

Со новоотворениот објект се проширува деловната мрежа на банката, која брои 28 експозитури, од кои 11 во Скопје, а останатите во градовите ширум Македонија.