Нова фабрика на Атлантик Група во Хрватска

23

atlantik

Атлантик Група вчера отвори нов современ објект за производство на енергетски плочки во индустрискиот парк на Нова Градишка, Хрватска. Инвестицијата е во вредност од 13 милиони евра, а станува збор за дел од асортиманот на спортска исхрана и обединување на вкупното производство на оваа палета на производи во сопствени производствени капацитети.
“Се гордееме со фактот што фабриката е завршена за само десет месеци, а тоа се должи на вложениот труд на нашите вработени и партнери. Овој проект е пример за ефикасно инвестирање во Хрватска, каде што имавме подеднакво голема поддршка и од локалните заедници и државните институции, но и од финансиските партнери, пред сè од Европската банка за обнова и развој”, изјави на отворањето претседателот на Управниот одбор на Атлантик Група, Емил Тедески.

Повеќе од 99% од производството од оваа фабрика е наменето за извоз, главно на пазарите во Западна Европа.

Атлантик Група со својот бренд Multipower е водечки европски производител на спортска храна, која во најголем дел се произведува во фабриката на Атлантик во близина на Хамбург (прашкасти производи и компримати) и во Рогашка Слатина (пијалоци).