Facebook воведува алатка со која им овозможува на корисниците да ги рецензираат рекламите кои ги прегледуваат, со можност и за забрана на огласувачите кои добиле најмногу негативни повратни информации, пишува Reuters.
Овој потег е насочен кон справување со бизниси чии реклами ги заведуваат корисниците да купуваат производи со низок квалитет или услуги на фирми кои не испорачуваат производи во наведеното време за испорака. Корисниците на социјалната мрежа ќе може да остават повратни информации за прегледаните реклами во делот Ads Activity.
Од Facebook велат дека на огласувачите кои добиле негативни забелешки ќе им се даде шанса да се подобрат во испораката на своите производи, пред да се оди со драстични мерки како намалување на количината на реклами или нивно целосно отстранување.
Целта на оваа алатка е да им даде на луѓето поголема доверба во бизнисите со кои комуницираат, како и да им се помогне на претпријатијата да бидат поодговорни за искуствата на клиентите што ги обезбедуваат.
Фото: Pixabay