Нова кампања на РСБСП: И оваа година безбедноста има предност – 2018 најбезбедна до сега 

55

slika1

Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП) има нова кампања под мотото: И оваа година безбедноста има предност – 2018 најбезбедна до сега. Кампањата ќе се реализира преку електронски медиуми, социјалните мрежи, билбордите и во локалите и објектите каде што младите ќе се забавуваат во пресрет на најлудата ноќ, стои во соопштението.

“Оваа кампања е креирана во духот на позитивното празнично расположение, а преку љубовта и припадноста што се отсликуваат во неа, целиме кон тоа, да ги потсетиме сите учесници во сообраќајот дека за новогодишните и божиќните празници најважно е да стигнеме здрави, живи и безбедни во своите домови и празниците да ги поминеме во кругот на семејството и пријателите. Идејата на РСБСП е новата 2018 година да ја започнеме со мисла, со надеж и со верба, дека овaа треба да биде најбезбедната година до сега“, велат од РСБСП.

Да се намали бројот на настрадани лица во сообраќајни незгоди, е желба на сите граѓани и на сите учесници во сообраќајот. За оваа желба да стане реалност потребна е поголема лична и колективна свест и одговорност. Секој поединечно и сите заедно можеме да го направиме сообраќајот да биде безбеден и сигурен. Од нас самите зависи, од нашата култура, од нашата желба, толеранција, дисциплина. Од тоа колку ќе ги почитуваме сообраќајните правила и прописи. Последиците од сообраќајните незгоди се премногу сериозни за да бидеме комотни во сообраќајот, затоа во 2018 година бидете позитивен пример и дајте го својот придонес за побезбеден сообраќај.

РСБСП апелира до сите учесници во сообраќајот да бидат одговорни, да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, да не возат брзо и да не возат под дејство на алкохол. Новогодишните прослави највесело и најбезбедно ќе ги поминете доколку се одлучите на нив да заминете без својот автомобил.