Нова “мода“ на пазарот на недвижнини

96

Замислете си да си имате сопствен остров некаде на Карибите, каде што може да уживате без да се плашите дека коронавурисот ќе не “нападне“. Додека ние може да си ја замислуваме таа идила, во светот расте трендот на купување приватни острови.

Карибите, јужниот Пацифик и острови во Европа стануваат “дом“ на моќници кои можат да одвојат добра сума и да се преселат на приватен остров, што претставува своевиден тренд на пазарот на недвижнини во светот.

На пример, островот Маи на Фиџи се продава за помалку од четири милиони долари, а нуди недопрена плажа, корални гребени и површина од 13 хектари на коишто има најразлични тропски растенија, пишува Financial Times.

“Поседувањето на остров долго време се смета за посакувана опција, но за многумина беше недостижен сон. Но, со избивање на пандемијата, на таквата опција се гледа од практичната страна бидејќи купувачите сакаат да најдат приватен простор за себе“, смета Трејор Леснок, основач на Platinum Luxury Auctions, којашто спроведува интернет аукции за острови.

Тој смета дека пандемијата им ја промени перцепцијата на купувачите кога станува збор за недвижнини за одмор. Но, за богаташите не се привлечни само тропските острови, туку и места на коишто има најразлични содржини и доволно простор за одржување на неопходната социјална дистанца.

Исто така, не се атрактивни само островите на егзотични дестинации, туку во “игра“ се и изолирани места што ѝ припаѓаат на Европа, на пример. Една агенција за недвижнини нуди мал остров на крајбрежјето на Финска за помалку од 100.000 евра, а за грчки остров на 444 хектари може да се одвојат “само“ 45 милиони евра.

Агентите за недвижнини тврдат дека посебен интерес кај потенцијалните купувачи има за острови што им припаѓаат на земји што не се претерано зафатени од пандемијата, како што се Австралија, Нов Зеланд и острови на јужниот Пацифик.

Фото: Freepik