Нова опрема во АД МЕПСО – почнува дигитализација на преносната мрежа

101

Брз, стабилен и точен пренос на податоци, непречена испорака на електрична енергија и минимизирање на ризикот од каков било прекин при преносот во случај на хаварии или лоши временски услови, ќе овозможи најновата телекомуникациска опрема на АД МЕПСО што од денеска ќе биде ставена во функција.

Со ова современо решение, како што беше речено на настанот по овој повод, МЕПСО го почнува процесот на дигитализација на преносната мрежа.

Се работи за проект вреден околу пет милиони евра, од кои 2,9 милиони се средства од ЕБОР, а останатите од АД МЕПСО.

-Опремата е темел за добивање навремени податоци и со ова решение МЕПСО го почнува процесот на дигитализација на преносната мрежа. Со оваа најмодерна технологија ќе се постигне домаќинско и ефикасно искористување на оптичките влакна интегрирани во далекуводите и ќе се обезбеди шифрирање и комплетна заштита на информацијата која ќе се транспортира. На тој начин, се обезбедува брз и точен пренос на податоци, непречена испорака на електрична енергија и се минимизира ризикот од прекин на пренос на податоци во случај на хаварии и лоши временски услови, истакна генералниот директор на МЕПСО, Орхан Муртезани.

Тој напомена дека техничките перформанси на досегашната опрема која датира од 2004 година, веќе не нудат опции кои би одговориле на дејноста. Во моментов, нагласи Муртезани, за поврзување на податоците се користи опрема која веќе нема поддршка од производителот, ниту за неа се произведуваат резервни делови.

Инсталирањето на новата опреа го поздрави и премиерот Димитар Ковачевски, кој потенцира дека во услови на енергетска криза како актуелната, од исклучително значење е стабилниот пренос на податоци.

-Денес имавме можност да го видиме најсовременото решение за телекомуникациска опрема и далечински мониторинг на трансформаторските станици во МЕПСО. Ова значи дека ќе имаме сигурен пренос на електрична енергија, што во услови на криза е исклучитлено важно. Целта е да се обезбедува брз и точен пренос на податоци, непречена испорака на електрична енергија и ризикот од прекин да се сведе на минимум, истакна Ковачевски.

На пуштањето во употреба на опремата се обрати и претставникот од ЕБОР, Анди Аранитаси, а присуствуваа и вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, претставници од фирмите изведувачи, како и раководството на ЕСМ и МЕПСО.