Нова современа експозитура на Охридска банка во Штип

27

Охридска банка ги дислоцираше своите простории во Штип на атрактивна локација во градот, информираат од банката.

Новата експозитура ја отворија Претседателот на Управниот одбор на Охридска банка, Јитка Пантучкова и градоначалникот на општина Штип, Илчо Захариев, во присуство на почесни гости, стопанственици и вработени.

“Нашата денешна причина за славење е свеченото отворање на новите простории на експозитурата. Штип е многу значаен град и регион за Охридска банка затоа што тука опслужуваме важни BIC и SME клиенти. Исто така имаме и значајно портфолио на индивидуални клиенти. Сметаме дека брзото темпо на живеење ја наметна потребата од отворање на една ваква добро опремена експозитура, со десет работни единици кои ќе го сведат на минимум чекањето и ќе помогнат за брзо и ефикасно извршување на трансакциите на нашите клиенти”, истакна Јитка Пантучкова.

Градоначалникот Захариев потенцираше дека Охридска банка е важен партнер на штипското стопанство и на граѓаните од општината.

“Трансферот на средства и пари кои ќе ги направи банката ќе значат развој за нашиот град. Самото мото, Здружени сме посилни ја покажува синтезата што Охридска банка ја прави со нашата бизнис заедница. Ви посакувам голем успех во новите простории, нека значи раст, и среќен сум што Штип е дел од една огромна банка која е присутна во голем број земји во светот, а ние сме дел од тој свет“, рече Захариев.

Охридска банка донираше и клима уреди на Клиничкиот центар во Штип и на државното средно училиште за деца со посебни образовни потреби Искра, со што уште еднаш ја потврди својата хуманост и грижа за најранливите слоеви во општеството.

Исто така беа доделени две монографии од нумизматичката колекција на Охридска банка за библиотеките на средните училишта Славчо Стојменски и Коле Нехтенин од Штип. Со цел да ја покаже својата грижа за функционирањето и развојот на општината, Охридска банка ќе биде еден од спонзорите на штипската модна недела која ќе се одржи од 26 до 29 септември 2013 година.