Нова странска инвестиција – Компанија од атрактивна технолошка дестинација во ТИРЗ Скопје 1

63

Компанија од атрактивна технолошка дестинација од Југоисточна Азија е новата странска инвестиција со која Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони (ТИРЗ) ќе ја почне 2024 година.

Како што открива директорот на Дирекцијата Јован Деспотовски во интервју за МИА, инвестицијата ќе биде објавена утре, локацијата е ТИРЗ Скопје 1, а до крајот на инвестицискиот период само за плати предвидува над 15 милиони евра годишно.

Со оваа инвестиција, според Деспотовски, се отвора целосно ново поглавје во однос на типот и квалитетот на вложувањата, посебно од аспект на високи плати и ангажирање млади луѓе со високи квалификации.

Компанијата има претставништва во повеќе земји низ светот и веќе вработува млади кадри од државава, но со договорот што е постигнат, бројката дваесеткратно ќе се зголеми.

Деспотовски зборува и за влезот на домашните компании во зоните – нешто што беше најавувано, но досега не се случи.

Како што истакнува, од намерата нема да отстапи и во соработка со Меѓународната светска организација (ИФЦ) ќе ја турка работата „до крај“.

Со оглед дека „структурите во системот не дозволиле овој успешен проект да се реализира“, Деспотовски ќе инсистира да се воведе систем на казнивост за непостапување на одредени институции.

Не станува збор веќе за една, вели, туку за десет потенцијални инвестициски проекти на домашни компании што треба и ќе се случат.

Директорот ги сумира и резултатите од сработеното во 2023 година, но укажува и на значењето на платформата „Иднината почнува дома“.