
Шведската модна компанија H&M објави во својот полугодишен извештај дека оваа година ќе затвори 170 физички продавници низ целиот свет со цел да го прилагоди своето работење на моменталните пазарни услови, а во исто време најави и отворање на околу 90 нови локации.
H&M во извештајот наведе дека во годината до 31 мај веќе го намалила бројот на своите продавници за 128 малопродажни објекти, од 4.166 на 4.038 продавници, што претставува намалување од три проценти. Најголем број затворања е забележан на пазарите во Азија, Океанија и Африка, каде што се затворени 97 продавници.
20 продавници се затворени во Западна Европа, 17 во нордиските земји, додека уште четири продавници се затворени во Источна Европа, објавува Mirror.
Покрај затворањето на самите објекти, H&M затвори и одредени брендови во рамките на групацијата, па во изминатиот период сите преостанати продавници на брендот Monki, кој беше интегриран во поврзаниот бренд Weekday, беа трајно затворени.
Шведската фирма вели дека континуирано ја оценува својата мрежа на продавници за да одговори на потребите на клиентите и да понуди подобро искуство при купување, како во физичките објекти, така и преку интернет.
H&M се соочува со предизвици како што се порастот на онлајн трговијата и појавата на кинески платформи како што се Temu и AliExpress, додека се обидува да ги намали оперативните трошоци, додаде британскиот весник.











