Нова турска инвестиција вредна милиони во Скопје – 200 нови работни места!

Турската компанија Џагатај Кабло, која веќе успешно работи во рамки на Технолошко-индустриската развојна зона (ТИРЗ) Скопје 1, најави нова инвестиција од 6 милиони евра за проширување на своето производство. Проектот опфаќа изградба на нова фабрика од 10.000 квадратни метри, со што ќе се овозможи вработување на дополнителни 200 лица и воведување на напредни технолошки решенија за автомобилската индустрија.

Оваа нова фабрика која ќе биде двојно поголема од постоечката, освен што ќе отвори нови работни места, истата ќе донесе и нови технологии, што всушност се должи на подобрениот пристап од страна на новата влада, се вели во соопштението.

Директорот на Дирекцијата за ТИРЗ, Гоце Димовски денес во Истанбул ја посети компанијата и оствари средба со Ахмет Шемшетин Короглу, претседател на одборот. Toj посочи дека оваа инвестиција, која беше најавена во јули минатата година, е доказ за довербата на странските инвеститори во стабилната економска клима и поддршката што ја нуди државата. Тој истакна дека како институција во соработка со Владата, Дирекцијата за ТИРЗ ќе продолжи и понатаму со активна и транспарентна поддршка на сите странски инвеститори.

Од страна на менаџментот беше изразена благодарност за поддршката од Дирекцијата, како еден од клучните фактори за проширувањето на оваа инвестиција која ќе донесе додадена вредност во националната економија.

По најавеното проширување во јули минатата година, оваа втора фаза на инвестирање од страна на Џагатај Кабло значи многу поголема доверба во владата и системот, кој според нив работи многу добро.

Инаку, Џагатај Кабло произведува жици и кабли за автомобилската индустрија. Тие ги снабдуваат водечките производители на автобуси, трактори, градежни машини, камиони, комерцијални возила, климатизери, машини за чистење и специјални аеродромски возила, се вели во соопштението до медиумите.