Новак: Цените на гасот во Европа ќе останат високи

55

Цените на гасот во Европа ќе останат високи поради недостигот и нема да се вратат на нивоата од почетокот на минатата година од 200 до 250 долари за 1.000 кубни метри, најави рускиот вицепремиер Александар Новак.

„Движењата на цените во голема мера ќе бидат одредени од временските услови во текот на зимата, но тие ќе останат високи на краток рок поради тесната понуда. Не гледам како би можеле да се вратат на нивоата од почетокот на минатата година“, изјави Новак во интервју за ТАСС, пренесува Мина.

Општо земено, Новак ја оцени ситуацијата со цените на енергијата како исклучително нестабилна и смета дека овој тренд ќе продолжи и во следната година и за гасот и за нафтата, пренесува Независне новине.

„Во моментов гледаме зголемена нестабилност. Видовме двојни флуктуации на цената на нафтата – од 65 на 130 долари за барел. Иста е ситуацијата и со гасот“, додаде Новак.

Според него, западните санкции се причина за скокот на цените.

„Никој не можеше да ги предвиди овие глупави постапки на западните лидери кога беа направени прогнози дека нафтата ќе биде околу 50-60 долари за барел. Ембаргото за испорака на руски нафтени деривати во Европа ќе стапи на сила во февруари, па да видиме како тогаш ќе изгледаат цените на дизелот“, рече Новак.