Новата функција за iPhone на Apple може да го клонира човечкиот глас со помош на вештачка интелигенција

88

Новата алатка на Apple за iPhone iOS 17, наречена „личен глас“, може да го клонира и замени човечкиот глас со помош на вештачка интелигенција.

Алатката, која ќе биде достапна од септември, е наменета за луѓе кои се изложени на ризик да ја загубат моќта на говорот или оние на кои зборувањето им претставува проблем, пренесува SkyNews.

За да може корисникот да создаде свој дигитален глас на барање, тој мора да чита 150 случајни фрази, што трае околу 15 или 20 минути.

Новинарот на SkyNews ја испробал функцијата и ја тестирал околината испраќајќи им гласовни пораки изговорени со „личен глас“.

Неговата мајка и сестра не ја забележале разликата, но пријателите кои се запознаени со технологијата забележале дека нешто не е во ред и дека некој можеби го злоупотребил гласот на репортерот.

Apple тврди дека сите кориснички информации се безбедни.

Компјутерската безбедносна фирма McAfee предупреди дека технологијата за клонирање глас генерално поттикнува зголемување на измамите, но посочи дека заштитата на Apple треба да биде доволна.

Фирмата McAfee неодамна анкетираше 1.009 возрасни лица во ОК и откри дека речиси четвртина од луѓето доживеале некој вид на говорна измама со вештачка интелигенција или познаваат некој што го има.

Истражувањето исто така покажа дека 65 отсто од возрасните не се сигурни дека можат да разликуваат клониран глас од вистински.