Новата германска влада ќе наследи солидна економија

39

Новата германска влада ќе наследи економија која бележи брз раст на активноста во последните месеци, покажа во понеделникот извештајот на централната банка.

“Економијата во целина најверојатно ќе порасне посилно во третиот квартал отколку во пролетта“, се вели во месечниот извештај на Бундесбанк за септември.

Најголемата европска економија закрепна од слабиот почеток на годината благодарение на олеснувањето на ограничувањата воведени за да се спречи ширењето на коронавирусот.

“Во летото 2021 година, закрепнувањето на германската економија, кое започна во пролетта, продолжи“, соопшти Бундесбанката.

Личната потрошувачка и услужниот сектор се опоравија силно, благодарение на олеснувањето на ограничувањата за корона, кои оттогаш се во голема мера укинати, додаваат тие.

Индустријата, пак, страда од проблеми со набавката на интермедијарни производи и суровини.

“Последица е континуирано значително заостанување на нивото на производство зад силната побарувачка. Индустриското производство во јули, секако, се зголеми за прв пат по четири месеци, но ова главно може да се припише на летните одмори“, предупредуваат тие.