Новата просечна кошничка во примена од септември: Ристески појаснува дека таа нема да ја замени синдикалната

Просечната потрошувачка кошничка е изработена и веќе усвоена од Економско-социјалниот совет, а во моментов се врши усогласување на податоците со Државниот завод за статистика. Доколку процесот заврши успешно, нејзината примена се очекува да започне од септември, изјави заменик-министерот за економија Марјан Ристески.

Тој по работниот состанок во Стопанската комора, одговарајќи на новинарски прашања нагласи дека новата просечна потрошувачка кошничка нема да биде замена или алтернатива на минималната потрошувачка кошничка што ја пресметуваат синдикатите.

– Да повторам дека просечната потрошувачка кошничка не е пандан на минималната потрошувачка кошничка, која не е минимална, ја објавуваат синдикатите според некои нивни параметри. Оваа кошничка нам ќе ни користи за водење исправни економски политики, носење исправни закони, одлуки и мерки, базирани на добро обработени статистички податоци, рече Ристески.