Нови 1.800 вработувања од социјални семејства со владина поддршка

41

vrabotuvanjeВладата ќе поддржи нови 1.800 вработувања на млади лица од социјално ранливи семејства. Огласите ќе почнат да се објавуваат од наредниот месец на секои два месеца, а вработувањата ќе се реализираат кај работодавачи кои ќе поднесат барање до Агенцијата за вработување.

Претставувајќи ја новата мерка за вработување, портпаролот на Владата Александар Ѓорѓиев рече дека за нејзина реализација, што предвидува вработувања од 1.500 до 1.800 лица на возраст од 19 до 29 години, Владата ќе одвои три милиони евра во првите три години од имплементацијата. Работодавачот ќе ја добива субвенцијата во период од шест месеци со обврска лицето кое е вработено преку оваа мерка да го задржи уште дополнителни шест месеци.

Поддршката за работодавачот изнесува 14.000 денари за задоволување на бруто платата и дополнителни 3.000 денари кои ќе бидат искористени за доквалификации на вработеното лице.

Ѓоргиев додаде дека приоритет за поддршка при субвенционирањето на вработувањето, ќе имаат лицата кои во текот на оформувањето на своето средно образование го користеле Условниот паричен трансфер што го овозможувала Владата во висина од 12.000 денари на годишно ниво, но програмата ќе важи и за оние кои не го користеле трансферот.

Ограничувања во однос на степенот на образованието нема да постојат, ќе може да се пријават и лица со средно и со високо образование, а мерката ќе важи на територијата на целата држава. За нејзина имплементација ќе бидат задолжени подрачните канцеларии на Агенцијата за вработување и центрите за социјална работа.

На првиот оглас, кој ќе се објави во првата половина на мај, заинтересираните работодавачи ќе може да ги пријават своите потреби за кадар. Работодавачот ќе може да аплицира доколку ги има подмирено сите обврски кон државата. На огласот ќе аплицираат и лицата кои бараат работа, а се од оваа категорија.

Преку оваа мерка Агенцијата за вработување ќе направи адекватно поврзување на барањата на фирмите за нови вработувања со лицата кои аплицирале за работа, но и со лицата кои ги има во својата евиденција во однос на оваа целна група граѓани.

Крајниот избор ќе биде оставен на фирмите работодавачи, по што ќе се уредат односите за вработување со договор меѓу Агенцијата, работодавачот и лицето кое се вработува.