Нови 150 вработувања на млади од социјалните семејства

18

Со новата посебна Програма на Владата, за субвенционирање на вработувањето во приватниот сектор на лицата кои се невработени и активно бараат работа, ќе бидат вработени 150 корисници на социјална парична помош.

“Корисници на оваа Програма од една страна ќе бидат членовите на домаќинствата – корисници на социјална парична помош, регистрирани како невработени лица, активни баратели на работа во Агенцијата за вработување и од друга страна работодавачи кои вработиле и склучиле договор за вработување за најмалку 12 месеци со лица од оваа категорија, односно членови на домаќинства – корисници на социјална парична помош, регистрирани како невработени лица, активни баратели на работа во Агенцијата”, појасни портпаролот на Владата Александар Ѓорѓиев.

Приоритет на вработувањето ќе се даде на младите лица на возраст до 29 години, кои потекнуваат од семејства корисници на социјална парична помош, кои се регистрирани како активни баратели на работа во Агенцијата.

Особен приоритет при субвенционирањето на вработувањето на овие млади лица до 29 години ќе се даде на младите кои потекнуваат од домаќинства приматели на социјална помош, а кои во своето образование го користеле Условниот паричен надоместок за образование кој се дава за оваа категорија лица и кој изнесува 12.000 денари годишно.

На почетокот на следната година ќе биде распишан јавен повик од страна на Агенцијата за вработување на кој од една страна ќе може да аплицираат невработените лица кои се од домаќинства кои се корисници на социјална парична помош и бараат работа активно, а од друга страна ќе аплицираат работодавачи кои се заинтересирани да вработат лица од оваа категорија кои аплицирале на повикот.

Работодавачот кој ќе вработи лице кое аплицирало на овој јавен повик ќе добие субвенција во износ од 17.000 денари месечно по вработено лице, и тоа за период од шест месеци, од кои 14.000 денари за исплата на бруто месечна плата по вработено лице и 3.000 денари месечно на работодавачот за покривање на трошоците за обука и материјали.

По истекот на шесте месеци на субвенцијата, работодавачот има обврска да го задржи работникот вработен врз основа на оваа Програма најмалку дополнителни шест месеци (или вкупно 12 месеци) со цел работникот да покаже резултати и да се стекне со трајно работно место.

Средствата за субвенционирање за вработување на невработени лица – корисници на социјална парична помош ќе се вратат ако се раскине договорот за вработување поради непочитување на одредбите од договорот за вработување, не се почитува договорот за субвенционирање или доколку Агенцијата констатира дека податоците за користење на субвенцијата се невистинити.

За оваа цел Владата ќе издвои и ќе исплати околу 13 милиони денари.