Нови 280 договори за државна помош за компании кои ќе инвестираат околу 145 милиони евра и ќе отворат над 3.700 нови работни места

19
Денеска, по завршувањето на тематската Владина седница, заменикот на претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за економски прашања, Фатмир Битиќи  и министерот за економија, Крешник Бектеши одржаа заедничка прес–конференција за доделување на договорите за државна поддршка по Законот за финансиска поддршка на инвестиции.
Вицепремиерот Битиќи соопшти дека оваа година ќе се потпишат нови 280 договори за поддршка со компании кои влегуваат во инвестициски циклуси од околу 145 милиони евра и ќе креираат повеќе од 3.700 работни места во наредните 5 години или до завршувањето на нивните договори.

Додека пак само во 2021 година овие 280 компании, инвестирале околу 50 милиони евра и креирале над 1.500 нови работни места.

„Преку овој Закон во изминатите 5 години, колку што се спроведува оваа мерка, склучени се договори за поддршка со 633 компании кои се опслужуваат од кабинетот на ЗПВРМ за економски прашања и инвестиции како оne stop shop, од кои:

2018 г. – 99 договори – исплатени 3,1 милион евра – 100% исплата на државна помош;
2019 г. – 108 договори – исплатени 6,8 милион евра – 70% исплата на државна помош;
2020 г. – 38  (поради Ковид кризата) – исплатени 11,6 милион евра – 100% исплата на државна помош и 2021 година – 108 договори – исплатени 12,7 милион евра – 100% исплата на државна помош.
И оваа 2022 година, потпишани се рекордни 280 договори”,  кажа вицепремиерот Битиќи.

Посочувајќи дека нашите компании уште еднаш покажаа колку се агилни и во вакви тешки времиња инвестираат во подобрување на нивната конкурентност, нивните продукти, воведување нови производствени линии заради зголемена ефикасност и продуктивност.

Министерот Бектеши пак изјави дека преки ЗФПИ се дадени над 50 милиони евра на домашните компании.

„За четири години само преку одобрување на Законот за финансиска поддршка на домашните компании се дадени над 50 милиони евра. Претходно не беше ни над 5 милиони евра. Имајќи предвид дека само Фондот за иновации имаше годишен буџет од 1 милион евра. Тука не се вклучени компаниите кои се финансирани од Фондот за иновации и технолошки развој. Станува збор за над 600 компании, од кои 80% имаат домашен капитал. Се реализира определбата што ја имавме како Влада, што значи дека домашните компании ќе бидат третирани исто како и странските компании во Северна Македонија. Секоја поддршка што ќе им се даде на компаниите има додадена вредност во зголемувањето на извозот, но и во отворањето нови работни места”, рече Бектеши.

Бектеши нагласи и дека веќе се финализира одобрувањето на новата стратегија (Стратегија за специјализација), која е во согласност со барањата на Европската комисија.

„Оваа стратегија ќе ги идентификува главните сектори во нашата земја со кои тие можат да имаат додадена вредност и ќе бидат поконкурентни не само во регионот туку и на европските пазари”, изјави министерот за економија Крешник Бектеши.

Како што најавија вицепремиерот Битиќи и министерот за економија Крешник Бектеши, од следната година ќе бидат воведени дополнителни измени во Законот, според кои корисници на државна помош ќе можат да бидат компании кои се во дејностите кои ќе бидат измапирани како приоритетни според смарт специјализацијата.

„Дополнително, ќе се допрецизираат минималниот праг на инвестиција како и минималниот инвестициски циклус. Заедно со Министерството за економија ќе најдеме соодветен начин на третирање на државната помош за микро и мали износи на инвестиции и начинот на нивна поддршка како и оние поголемите стратешки инвестиции на компаниите.

Со ова, стабилно и структурно работиме на  реструктурирање на домашната економија во нова развојна економија која се темели на производство со поголема додадена вредност, преработувачка индустрија, истражување и развој”, истакна Битиќи, надоврзувајќи се на минатогодишните измени на Законот за финансиска поддршка на инвестиции кои го поттикнуваат рамномерниот регионален развој, инвестициите во истражување и развој како и измената за исплата на државната помош во две транши, со што Владата дополнително влијае на зголемување на ликвидноста на компаниите.

„Претходната година беа направени измени во Законот за финансиска поддршка на инвестиции, една од нив е тоа што за  прв пат државната помош оваа ќе се исплаќа во две транши, со што дополнително им помагаме на компаниите во нивната ликвидност во текот на годината, кои истите тие повторно можат да ги реинвестираат во продуктивни инвестиции.

Дополнително, беа направени измени во Законот, со кои, преку воведените афирмативни мерки, компаниите добиваат дополнителен стимул за рамномерен регионален развој, односно, поголем процент на поддршка добиваат оние компании кои имаат инвестирано во помалку развиените плански региони.

Ова е исклучително важно, бидејќи поради тоа оваа година повеќе од 70% од компаниите се надвор од најразвиениот Скопски Регион, во помалку развиени региони од земјава, која покажува дека само со стимулативни мерки за рамномерниот регионален развој ние можеме да ги намалиме јазовите помеѓу сите региони во нашата држава.

И она за што, лично сум особено среќен, оваа година имаме 22 компании кои аплицираат за финансиска поддршка по мерката R&D или истражување и развој.

Сите овие горенаведени форми на поддршка се уште еден силен доказ дека оваа Влада, како ниедна претходна, е посветена за поддршка на стопанството во насока на рамномерен регионален и забрзан технолошки развој, внесување на иновации и дигитализирање на процесите, што придонесува за поголема продуктивност и конкурентност на компаниите на домашниот и на меѓународните пазари”, истакна Битиќи.

Вицепремиерот Битиќи на прес-конференцијата се осврна и на креирањето на првиот Дигитален AI Асистент за државна помош, кој ќе се базира на вештачка интелигенција, ќе ги прави достапни сите информации, повици, процедури за добивање на државна помош, а во следна фаза и ќе комуницира дел од грижата за корисници за оние кои веќе ја добиваат.

„Ја дигитализиравме државната помош за сите инвеститори со што целиот процес ќе биде уште потранспарентен, брз и ефикасен и она што за мене е важно информациите ќе бидат достапни за сите, со што ќе се оневозможат сите евентуални манипулации и злоупотреба со истите.

Асистентот ќе зборува на три јазици: македонски, албански и англиски и е само првиот чекор од многуте кои следат за дигитализација, со што директно и Владата ја поддржува иновативноста и старт-ап заедницата во земјава”,  истакна Битиќи, најавувајќи го и следниот чекор во развојот и подобрување на ефективноста и ефикасноста на доделената државна помош  преку креирањето на Менаџмент информационен систем за државна помош.

„Овој систем е и во согласност со регулативите на Европската Унија и за истиот веќе ги започнавме првите подготовки за неговото поставување. Менаџмент информациониот систем за државна помош ќе ни овозможува следење и мерење на импактот кој државната помош го има во развој на економијата, што ќе ни овозможи истата да ја насочуваме во области кои се со додадена вредност и влијаат на забрзување на расотот и развојот”, кажа Битиќи.