Припадниците на Управата на криминалистичката полиција на МВР Србија во соработка со Обвинителството за организиран криминал и Секторот за даночна полиција, денеска уапсија пет лица кои се сомничат за злоупотреби во фармацевтската компанија Галеника. Од слобода е лишен сопственикот и директор на фирмите БГ Фарм, МГ Ремеди груп, Акро биотика и Хигија фарм, Младен Газикаловиќ и уште тројца од тие фирми. Приведен е и поранешниот помошник генерален директор на Галеника, Драган Шебрек, јавува Танјуг.
Со кривична пријава ќе биде опфатен и поранешниот директор на Галеника, Ненад Огњеновиќ, кој од претходно е во притвор.
Огњеновиќ и Шебрек во периодот 2008 – 2011 година ги искористиле своите овластувања и вршеле незаконска продажба на лекови од Галеника на други фирми и установи, со што оваа компанија ја оштетиле за преку 34 милиони евра.
Работната група на Управата на криминалистичката полиција кон крајот на јануари годинава ја презеде истрагата за злоупотреба во некогаш најголемата српска фармацевтска компанија, која во тој момент имаше 180 милиони евра долгови. Во мај беа уапсени осум лица осомничени за злоупотреба, а освен поранешниот директор Огњеновиќ, со кривична пријава беа опфатени и поранешни генерални директори на Велефарм.
За Галеника, која е во државна сопственост, е распишан меѓународен тендер за продажба. Според тврдењата на челните луѓе во Агенцијата за приватизација, Галеника вреди 100 милиони евра, но инвеститорските кругови се скептични околу оваа проценка, затоа што долгот на оваа компанија е преку 180 милиони евра. Галеника, која со 20% удел на српскиот пазар е втора, веднаш зад моќниот Хемофарм од Вршац, минатата година остварила 50 милиони евра приход, а 80 милиони евра расход.
Галеника има околу 250 сопствени или лиценцирани производи со кои ги покрива сите фармацевски групи на пазарот за лекови и суплементи.