Нови авиолинии од Скопје до Баден-Баден и Бремен

19

Фото: Facebook

Со првиот лет на авиокомпанијата Wizz Air од меѓународниот аеродром Скопје до германски Баден-Баден денеска официјално беше одбележано воведувањето на две нови дестинации од скопскиот аеродром, јавува Миа.

До Баден-Баден ќе се патува два пати неделно, секој вторник и сабота, а покрај оваа дестинација од скопскиот аеродром двапати неделно, во среда и недела, ќе има лет и до Бремен. Првиот лет од Бремен е планиран за утре кога во 11:50 часот се очекува да слета авион на скопскиот аеродром.

Со воведувањето на двете нови дестинации, скопскиот аеродром сега е директно поврзан со 39 дестинации на кои оперираат 13 авиокомпании.

“Со додавањето на Баден-Баден и Бремен, бројот на дестинации до Германија станува 10, додека вкупниот број на дестинации од скопскиот аеродром е 39. Со отворањето на новите рути, Wizz Air, исто така, ќе го базира својот петти авион во базата на скопскиот аеродром покажувајќи ја нивната посветеност на постојани инвестиции во нивната база во Скопје“, изјави Неџат Курт, координатор на аеродромите во ТАВ Македонија на свеченоста по повод воведувањето на новите дестинации.

Во текот на јануари и февруари вкупно 305.246 патници патувале преку двата аеродроми во државата што претставува пораст од седум проценти. Минатата година на двата аеродроми биле опслужени 2,3 милиони патници што претставува годишен пораст од 16%.