Нови царини од 50 проценти за увоз на алуминиум и челик во САД стапија на сила на полноќ

Денес, американските давачки за најголемиот дел од увезеното железо и алуминиум ќе бидат зголемени двојно, на денот кога претседателот Доналд Трамп очекува од економските соработници да ги достават своите “најдобри понуди” за да избегнат наметнување на давачки за останатите производи на почетокот на јули.

Трамп потпиша указ доцна синоќа со кој стапува во сила ненадејното соопштение од минатата недела дека давачките за железо и алуминиум, воведени во март, ќе бидат зголемени од 25 на 50 проценти.

“Почнавме со 25, а кога подобро ги проучивме податоците, сфативме дека тоа многу помогна, но треба да се направи повеќе. И затоа почнува 50 проценти,” изјави советникот за економија на Белата куќа, Кевин Хасет.

Ова покачување се однесува на сите трговски партнери, освен Велика Британија, единствената држава која досега има потпишано привремен трговски договор со САД. Царинската стапка за увоз на железо и алуминиум од Британија, која не е голем извозник на метали во САД, ќе остане 25 проценти најмалку до 9 јули.

Приближно една четвртина од железото што се користи во САД е увезено, а податоците од заводот за статистика покажуваат дека повисоките давачки особено ќе ги погодат најблиските американски трговски партнери – Канада и Мексико. Канада е главен, а Мексико трет извозник на железо во САД.

Канада е уште повеќе изложена на давачки за алуминиум, бидејќи е далеку најголем извозник на тој метал во САД – двојно повеќе од другите десет водечки извозници заедно. Речиси половина од алуминиумот во САД доаѓа од странски извори. Кабинетот на канадскиот премиер Марк Карни објави дека се “вклучени во интензивни преговори за да се отстранат тие и други царини.”