Нови државни обврзници од 125,3 милиони денари од утре на Македонска берза

На Официјалниот пазар на Македонска берза, во подсегментот Берзанска котација, од 18 декември 2025 година ќе започне тргување со нова емисија државни обврзници, издадени од Република Северна Македонија, согласно барањето на Министерството за финансии.

Станува збор за државни обврзници со девизна клаузула, со вкупна вредност на емисијата од 125,3 милиони денари. Издадени се 12.530 обврзници, со номинална вредност од 10.000 денари по обврзница.

Обврзниците се издадени на 11 декември 2025 година, а нивниот рок на достасување е 11 декември 2040 година, што ги прави долгорочен инструмент со рочност од 15 години. Каматната стапка изнесува 4,85 проценти.

Обврзниците ќе се тргуваат под шифрата M111240D, а нивниот ИСИН код е MKMINF20GCR0.