Нови критериуми за трговците со енергија: Гаранција од 100.000 евра на сметка или во основни средства

Се намалуваат административните документи со кои компаниите ќе можат да аплицираат за да се стекнат со лиценца – е еден од новитетите кои се уредени во Правилникот за лиценци што Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) го донесе и кој од денеска (06.03.2026 година) стапува на сила.

РКЕ во новиот Правилник за лиценци изврши усогласување со обврските од Законот за енергетика и ги зајакна условите за компаниите кои сакаат да поседуваат лиценци за трговија и снабдување со електрична енергија.

Истите ќе мора да обезбедат гаранција (доказ) дека на сметка поседуваат 100.000 евра или овие пари ги имаат во основните средства.
Во Правилникот за лиценци се воведуваат нови енергетски дејности: складирање на гас, производство на биометан, производство на водород, производство на биогорива, полнење и продажба на садови под притисок со течен нафтен гас и трговија на компримиран гас, течен гас и водород.

Напоменуваме дека за сите останати вршителите на енергетски дејности кои не се утврдени во Законот за енергетика (Член 4), може да продолжат да ја врши дејноста без лиценца најмногу до три месеци од донесување на Правилникот за лиценци и апелираме овие компании да поднесат барање за лиценца за некоја од соодветните
дејности кои се дефинирани согласно Законот за енергетика и Правилникот за лиценци.

РКЕ ја информира јавноста дека штом бидат создадени технички услови целокупната постапка за добивање на лиценци ќе биде дигитализирана и ќе може да се разменуваат документи преку Националниот портал за
електронска комуникација.
Нов Правилник за лиценци