
Глобалните цени на акциите паднаа минатата недела, бидејќи инвеститорите стравуваат од ширење на конфликтот на Блискиот Исток откако Израел го нападна Иран.
На Волстрит минатата недела, Dow Jones падна за 1,3 проценти, на 42.197 поени, додека S&P 500 се лизна за 0,4 проценти, на 5.976 поени, а индексот Nasdaq за 0,6 проценти, на 19.406 поени.
Се очекува високите царини да ја зголемат инфлацијата во наредните месеци
На почетокот на неделата, на пазарот владееше добро расположение, бидејќи во вторник, по дводневниот состанок во Лондон, американските и кинеските претставници постигнаа договор за трговија.
„Нашиот договор со Кина е завршен, сè уште ни треба конечно одобрение од претседателот Си и од мене“, рече американскиот претседател Доналд Трамп.
Тој, исто така, истакна дека Кина ќе ги укине ограничувањата за трговија со ретки метали. „Нашите царини ќе бидат 55 проценти, а кинеските ќе бидат 10 проценти“, рече Трамп.
Сепак, ова не предизвика еуфорија на пазарот бидејќи, според аналитичарите, многу детали за тоа како ќе се спроведе договорот се уште се нејасни.
„Дополнителна неизвесност поради геополитичките тензии“
Покрај тоа, се очекува дека високите царини ќе го стимулираат растот на инфлацијата во наредните месеци. Затоа речиси никој не очекува ФЕД да ги намали каматните стапки на јунската сесија, и покрај постојаните повици од Трамп и неговите соработници да го сторат тоа.
Меѓутоа, во петокот пазарите беа потресени од нападот на Израел врз Иран бидејќи, како што вели израелската влада, сака да ја спречи Исламската Република да развива нуклеарно оружје.
Иран одговори со напади со беспилотни летала и ракети врз Израел.
Ескалацијата на непријателствата на Блискиот Исток донесе дополнителна неизвесност на финансиските пазари во време на зголемен притисок врз економиите поради агресивната и каприциозна тарифна политика на Трамп.
„Геополитичките тензии додадоа дополнителна неизвесност на веќе кревкото расположение“, рече Чару Чанана, стратег во Саксо банка.
И на повеќето европски берзи, цените на акциите паднаа минатата недела. Мора да се признае дека лондонскиот FTSE индекс зајакна за 0,7 проценти, на 8.837 поени, но франкфуртскиот DAX се лизна за 3,2 проценти, на 23.516 поени, а парискиот CAC за 1,5 проценти, на 7.684 поени.
Фото: Pixabay