Нови пазари!

53

statistika

Фото: Pixabay

Почитувани читатели, пријатели и соработници. Особена чест и задоволство ни е да ве известиме дека TIP OF THE WEEK од следната недела ќе може да го читаат и читателите надвор од Македонија. После 3 години присуство на македонскиот пазар, отсега Прирачникот ќе може да се купи и на територијата на Србија, Црна Гора и БиХ. Официјалната промоција на Прирачникот во Белград е закажана на 18.4.2016 (во 18:00ч, во Mixer House). Доколку патот ве носи накај Белград, ќе ни биде задоволство да дојдете на промоцијата и радоста да ја споделиме заеднички. Слободно може да ги известите и да ги поканите вашите блиски пријатели, роднини или соработници.

Нашиот нов предизвик е повод и инспирација за овој неделен совет. Преку практичен пример, целта на овој текст ќе биде да ве запознаеме со најважните елементи за влегување на нови пазари.

  1. Производ: Прво, мора да бидете свесни дали имате производ за освојување на нови пазари. Откако го издадовме првиот Прирачник, ние веднаш се обративме на неколку издавачки куќи во Србија. Без некои посебни резултати, продажби или искуства од читателите во Македонија, ние мислевме дека ќе биде лесно да се пробиеме и на српскиот пазар. Но, не беше така. Мораше да чекаме 3 години, да собереме што поголемо искуство и импресии од читателите, да ја зајакнеме продажбата, да го издадеме нашиот втор Прирачник (визуелно и концептуално подобрена верзија) за да може да го достигнеме бараното ниво за излез на надворешниот пазар.
  2. Истражување на пазарот: Со цел да знаете како да се поставите, каква стратегија да направите за новите пазари, пред сè мора да направите истражување на пазарот. Кои ви се конкуренти, кој ви е купувачот, менталитет на купувач, какви бариери и лимитирачки фактори може да имате, цени и сè друго што би ви дало подобра слика за карактеристиките на тој пазар. Ние пред да се обратиме кај потенцијалните издавачки куќи, го посетивме саемот за книги во Белград, истраживме како функционира издавачкиот бизнис во Србија, се консултиравме со релевантни соработници (издавачи во Македонија) и пријатели за нивно мислење, посетивме неколку книжарници да видиме каков избор на литература е застапен (нормално во нашата секција – деловна психологија).
  3. Партнер: Еден од најважните елементи за ширење на други пазари е партнерот. Кога барате деловен партнер, тоа ви е исто како да барате животен партнер. Не барајте партнер според формата, туку според суштината. Оној којшто ќе биде на ваша фреквенција, комплементарен на вашите потреби и во релација на остварување на вашите цели. Нашите партнери во Србија (finesa.edu.rs)се млад, но високопрофесионален и флексибилен тим, со големо искуство што се фокусираат повеќе во промоција на професионална/деловна литература. Можеби не се џинот во издаваштвото, но сигурни сме дека со нив ќе може најдобро да ги пласираме нашите идеи и планови, и заедно да растеме и да им правиме проблеми на џиновите.
  4. Стратегија: Кога ќе се решат основните елементи за влез на определен пазар, нешто на кое мора да се посвети сериозно внимание, е стратегијата. Нов пазар, нови околности, нов менталитет на купувачи, нови услови на работа, нови потенцијални канали на продажба. Сето тоа побарува и нова поставеност на стратегијата и тактиките во остварување на саканите цели. Ние, за да се доближиме до нашиот купувач, додадовме и српски автори во изданието, го променивме фокусот на продажбата (книжарници), го адаптиравме надворешниот изглед на Прирачникот и целиот промотивен пристап.
  5. Финансии: Додека се пробивате на пазарите и ги поставувате основите, ќе треба да сте свесни дека мора да планирате и да одвоите финансии со кои најквалитетно ќе ги имплементирате планираните цели. Важно е да сте економични и рационални во трошењето или бидете креативни и најдете начин како да заштедите, но тоа да не се рефлектира на квалитетот. Нашиот уникатен авторски модел COSMâ (Customer Oriented Sponsorship Model) ни овозможи да заштедиме во печатењето на прирачниците. Благодарност на МАМАс и Кока-Кола.
  6. Истрајност: И на крајот, мора да издржите во процесот. По патот ќе ви се испречуваат секакви бариери, проблеми и луѓе кои ќе ве уназадуваат, но вие мора да не се откажете и да останете доследни на она што сте го зацртале.

Со успех во промените.