Нови правила за американска виза: Мора да одговорите со „НЕ“ на овие две прашања или ќе бидете одбиени

Од кандидатите за  визи за САД – вклучувајќи ги туристите, студентите и привремените работници – во иднина ќе се бара усно да потврдат дека не се плашат од прогон или малтретирање во нивната матична земја. Оваа промена е дел од новите упатства кои, според медиуми како CNN, доаѓаат од администрацијата на Трамп со цел заострување на американската имиграциска политика.

Две клучни прашања за апликантите
Конзуларните службеници сега се должни да му постават на секој апликант две прашања:

Дали сте доживеале каква било штета или злоупотреба во вашата земја на државјанство или последен престој?

Дали се плашите дека може да бидете изложени на штета или злоупотреба ако се вратите во таа земја?

За да продолжи процесот на издавање виза, подносителот на барањето мора да одговори со „не“ на обете прашања.

Целта е да се спречи злоупотреба на системот
Стејт департментот вели дека мерките имаат за цел да спречат злоупотреба на визниот систем, особено кога апликантите се обидуваат да влезат во САД како туристи или студенти, а потоа да побараат азил.

Портпаролот на министерството нагласи дека конзуларните службеници се „првата линија на одбрана на националната безбедност“ и дека се користат сите достапни алатки за да се провери дали апликантите ги исполнуваат условите според американскиот закон,  пренесува Индекс.хр.