Новиот Volkswagen T7 Multivan конечно дебитира

52

Едно од најомилените возила кои Volkswagen некогаш ги имал во својата постава, моделот T7, по неколку години развој конечно доби нова генерација.

Volkswagen T7, едно од најдолговечните превозни средства, влегува во ерата на електрификацијата, откако германскиот производител ја претстави најновата генерација на својот популарен модел. Веројатно најважната вест за новата генерација на комбето, кое е базирано на MQB платформата, е новиот погон кој го добива. За прв пат, Multivan добива plug-in хибридна технологија.

Електрифициран погон

Наречен eHybrid, погонот комбинира 1,4-литарски TSI мотор со 85 kW електромотор за да генерира вкупно 217 КС моќност, а 13 kWh литиум-јонска батерија е монтирана ниско во подот на комбето, додека портот за полнење е лоциран на десната страна. Од Volkswagen се уште не соопштуваат детали за опсегот или брзината во чисто електричен режим, но истакнуваат дека T7 Multivan e способен да покрие кратки урбани релации со нулта емисија на CO2. Моќноста до тркалата се испорачува исклучиво преку шестстепен DSG менувач.

За оние кои не сакаат електрифицирана варијанта, Volkswagen и понатаму ќе нуди чисти мотори на внатрешно согорување. При лансирањето, заинтересираните купувачи ќе можат да бираат меѓу турбо 1,5-литарскиот TSI кој испорачува 135 КС или помоќниот турбо 2,0-литарски TSI агрегат со моќност од 203 KС. Од следната година во понудата ќе биде вклучен и четирицилиндерски турбо дизел мотор со 149 КС моќност.

Современ дизајн

Визуелно, новиот T7 Multivan не отстапува многу од стилската шема која беше поставена со претходниот T6 модел, а најголемата разлика е во тоа што предното стакло е поиспакнато, со што се добива дополнителен прозорец меѓу вратата и А столбот, со што се добива еден покласичен MPV изглед. Решетката која се протега по целата ширина на возилото и новите фарови му даваат на T7 Multivan еден подинамичен и посовремен изглед. LED светлата пристигнуваат како стандард, а како опција се нудат и IQ.Light Matrix адаптивните светла кои пристигнуваат со светлечка LED лента која се протега над решетката.

Секако, најголемата предност на Multivan е неговата мултипрактичност и на тоа поле T7 ги исполнува очекувањата, барем според она што го објави Volkswagen. Новиот модел е нешто поголем во однос на претходникот, со тоа што продолжената верзија нуди 4.035 литри багажен простор. Новата генерација ќе биде понудена и со нов модуларен систем на седење со индивидуални задни седишта кои се прилагодливи и можат целосно да се отстранат. Тие се дел од свежиот ентериер за кој VW вели дека дава „лаунџ чувство“, а седиштата од вториот ред можат да се ротираат за 180 степени. Достапна е и мултифункционалната масичка која исто така е модуларна и може да се поместува напред и назад доколку тоа е потребно.

Минималистички и технолошки напреден ентериер

Како опција, новиот T7 Multivan добива и панорамски стаклен покрив, додека возачот ќе ужива во дигитализираниот кокпит. Зад управувачот се наоѓа 10,25-инчниот дигитален инструмент кластер кој е придружуван од 10-инчниот инфозабавен екран на допир поставен на средина од контролната табла. Како опција, купувачот ќе може да избере и heads-up екран, што за прв пат се нуди кај комерцијалните возила на Volkswagen.

Уредувањето на кабината е во минималистички стил, но богата е со технологија. Стандардниот инфозабавен пакет е наречен Ready 2 Discover и бесплатно го вклучува We Connect системот кој нуди секакви асистенции и надгледување на статусот на возилото. За озвучувањето е задолжен аудио-системот на Harman Kardon со 14 звучници.

Volkswagen ќе го опреми новиот T7 Multivan со дури 34 системи за асистенција и безбедност, меѓу кои и автоматското итно запирање и асистентот за одржување на коловозната лента кои се дел од стандардната опрема. Car2X е point-to-point комуникациски систем кој овозможува Multivan да комуницира со другите возила, информирајќи го возачот за потенцијални опасности. Полуавтономното возење исто така ќе биде достапно со новиот T7 Multivan благодарение на IQ.Drive системот, нудејќи предвидлив темпомат и одржување на лентата.

Преземено од Avtoplus.mk