Иако беше најавен уште во 2017 година, сè уште го чекаме електричниот Semi камион на Tesla, а сега се објавени нови фотографии кои откриваат промени во неговиот оригинален дизајн уште пред да се појави на пазарот.
Основачот и извршен директор на Tesla, Елон Маск, повторно го даде своето ветување, овој пат велејќи дека Semi ќе почне да доаѓа до клиентите оваа година. Овој електричен камион наводно ќе има домет од 805 километри.
Сега се објавени нови фотографии од камионот на кои јасно се гледа дека дошло до промена на дизајнот. Камионот се уште е препознатлив, но сега има масивни ретровизори и малку поинаква кабина. Видливи се и нови рачки на вратите и црни детали на задниот дел од кабината, како и откриени задни тркала.
Внатрешноста, исто така, е променета и изгледа поподготвена за производство. Има нова конзола и волан кој сега содржи контроли. Контролната табла е исто така малку поинаква.
Што се однесува до спецификациите, од Tesla ветуваат дека Semi ќе има автономија помеѓу 483 и 805 километри и дека ќе го придвижуваат три електрични мотори поставени на задните оски.
Камионот ќе забрзува од 0 до 100 km/h за 20 секунди.