Новите податоци од пазарот на трудот клучни за одлуката на ФЕД за каматните стапки

11

Низата економски вести оваа недела ќе направи многу појасно дали Федералните резерви на САД ќе одлучи да ги намали каматните стапки во март на претстојниот дводневен состанок во вторник и среда.

Американското Министерство за труд треба да објави четири клучни проценки за американскиот пазар на труд, мерејќи ја побарувачката на работна сила, растот на платите, продуктивноста и вработеноста, пренесува CNN. На дводневниот состанок ФЕД треба да им соопшти на пазарите што да очекуваат од централната банка напролет.

Според фјучерсите, пазарите очекуваат шансата за намалување на каматните стапки во март да биде 50 отсто, иако претставниците на ФЕД неодамна забележаа дека е премногу рано да се започне со намалување на каматните стапки. Аналитичарите проценуваат дека пазарите ја препознаа пресвртната точка на состанокот на ФЕД во декември, иако централната банка подоцна се обиде да ги намали нивните очекувања.

Шансите за мартовско намалување се намалија во јануари, откако податоците за инфлацијата на потрошувачките цени беа повисоки од очекуваното, пишува Financial Times. Податоците за четвртиот квартал покажаа дека американската економија порасна со годишна стапка повисока од очекуваната (3,3 отсто).

Декемвриските податоци за отворените работни места и прометот на работната сила ќе бидат објавени во вторник. Тој извештај ќе биде корисен за илустрација на нерамнотежата помеѓу побарувачката и понудата на пазарот на трудот, особено преку односот на отворените работни места со бројот на невработени баратели на работа, на што често се повикува претседателот на ФЕД, Џером Пауел.

Еден ден подоцна, Министерството за труд ќе го објави својот индекс на трошоците за вработеност во четвртиот квартал, сеопфатна мерка за трошоците за работна сила на работодавачите. Многу економисти проценуваат дека зголемувањето на платите е сè уште високо и сè уште не е во согласност со целта за инфлација од два проценти.

Подоцна во среда, ФЕД ќе ја објави одлуката за каматните стапки, кои се очекува да останат непроменети, како и на изминатите три состаноци. Се очекува инвеститорите да обрнат внимание на тоа како ФЕД ја карактеризира политиката, подобрувањето на инфлацијата во изминатите неколку месеци, неодамнешното темпо на економски раст и состојбата на финансиските услови.