Новитет од М-Лан Солар

30

Водните соларни пумпи се новитетот што компанијата М-Лан Солар ќе го претстави на овогодинешниот саем Технома 2012 година. Причината за овој новитет се се поголемите трошоци на земјоделците кои ќе се намалат со употребата на овие водни пумпи.

„Земјоделците се потешко успеваат да создадат одржлив систем кој ќе им обезбеди постојани приходи и нормален живот за семејството. Се поголемите сметки за ѓубриво, за други репроматеријали, за транспорт на производите, трошоци за осигурување на земјоделските посеви, како и се поскапите природни ресурси (конкретно, водата), ги оневозможуваат земјоделците во Македонија и во светот да обезбедат одржливо земјоделско стопанство“, вели Андреј Мласко, директор и сопственик на М-Лан Солар.

Според него, нивната неуспешност во справување со проблемите влијаат и на животот на граѓаните во градските средини кои, секојдневно ги чекаат производите за прехранување.

„Загриженоста за се поскапиот живот ги погодува сите граѓани низ светот. Токму затоа, се повеќе се потенцира терминот „одржливост“, што подразбира управување со ресурсите на тој начин да може да опстанува бизнисот, но и да останат доволно ресурси за потребите на идните генерации“, вели Мласко.

Компанијата М-Лан Солар ќе се претстави на овогодинешниот саем Технома кој почнува од 16 до 20 октомври 2012 година. Своите производи – водните соларни пумпи и фотонапонски централи, ќе ги претстави на штанд 122 во хала 1.

Минатата година, М-Лан солар беше партнер на Технома 2011 година, кога ја пушти во употреба првата сончева електрана поставена на кровот на Управната зграда на Скопскиот саем. Електраната има капацитет од 5 kw и со нејзиното работење се произведуваат околу 6.500 kwh годишно.