
Енергетскиот гигант „ЕксонМобил“ со својот партнер „Катар Енерџи“ откри ново гасно поле покрај брегот на Кипар, што може да придонесе за поголема енергетска безбедност во Европската Унија, особено во контекст на откажување од рускиот гас.
Кипарската влада објави дека „ЕксонМобил“ и „Катар Енерџи“ направиле второ откритие на гас јужно од Кипар.
Според Џон Ситилидес, геополитички експерт во американскиот тинк-тенк Институт за истражување на надворешна политика, како што објави „Еуроњуз“, новата локација може да ја зајакне енергетската соработка меѓу Кипар, Грција и Израел.
Портпаролот на кипарската влада, Константинос Летимбиотис, изјави дека потпретседателот на „ЕксонМобил“, Џон Ардил, го информирал кипарскиот претседател Никос Христодулидес за откритието.
Станува збор за локација пронајдена на околу 190 километри југозападно од Кипар, на длабочина од 1.921 метар. Досега не е објавена проценка за количината на гас, но само е кажано дека дополнителни истражувања ќе бидат спроведени во наредните месеци.
„ЕксонМобил“ и „Катар Енерџи“ имаат лиценци за истражување за две области во рамките на ексклузивната економска зона на Кипар. Пред шест години, тој конзорциум го пронајде изворот на „Глаукус-1“ во истиот блок каде што се наоѓа ова ново наоѓалиште на „Пегаз-1“. Кипарските власти објавија дека проценетите количини на гас за „Глаукус-1“ се околу 104 милијарди кубни метри.
Во последните 14 години, во водите околу Кипар се откриени шест наоѓалишта на гас.
Италијанската компанија „Ени“ и француската „Тотал“ работат на три полиња, а проценетата количина на гас во две од тие три полиња е околу 150 милијарди кубни метри. Третата локација сè уште се оценува.











