
Откако во септември во Њујорк стапи на сила строгиот закон со кој ефективно забранува рекламирање за краткорочно изнајмување на Airbnb, помалку од два отсто од некогашните 22.000 достапни туристички апартмани за изнајмување остануваат во понуда.
Според новите правила, сите домаќини ќе можат да огласат станови на Airbnb само доколку живеат во објектот што сакаат да го изнајмат и доколку се присутни додека е гостинот таму. Бројот на можни гости е ограничен на само двајца и кога сето тоа ќе се собере – стана практично невозможно да се рекламирате на Airbnb.
Но, не им требаше многу време на сопствениците на станови да го најдат патот и да се свртат кон црниот пазар. Наместо на Airbnb, тие се рекламираат на социјалните мрежи и на помалку познатите и нерегулирани мрежи за изнајмување станови.
Списоците на Airbnb во Њујорк паднаа за повеќе од 80 отсто, од 22.434 во август на само 3.227 до 1 октомври, според Inside Airbnb, чуварска група која ја следи платформата за резервации. Сепак, само 417 станбени единици биле регистрирани кај градските власти, што укажува на тоа дека многу малку сопственици на станови успеале да ја добијат потребната дозвола за да продолжат со работа.











