НУК: Пресметките говорат за загуби вредни од 18 до 22 милиони евра

32

Комисијата за заразни болести реши да и препорача на Владата нов пакет рестриктивни мерки за период од 18 декември до 21 јануари, со цел да се избегне зголемување на бројот на заболени од Ковид-19 во престојниот период на празници. Се предлага угостителските објекти да се затвораат во 18 часот и да нема групирања дома и на отворено.

Од Независната угостителска комора (НУК) додаваат дека очекуваат дека Владата на денешната седница ќе ги земе во предвид штетите и загубите и да донесат одлуки за соодветно обештетување на сите угостители на кои им е ускратена можноста за работа.

“Ги почитуваме сите одлуки и препораки што Комисијата за заразни болести ги носи во име на јавното здравје и ги потсетуваме Владата и Претседателот на Влада заедно со Министерствата за финансии и економија дека со моментот на нивното донесување веднаш да донесат нов сет директни мерки за угостителите со кои ќе помогнат да се надоместат загубите и штетите во случај на денешно усвојување на овие предлог рестриктивни мерки“, се вели во соопштението од НУК.

Оттаму велат дека вчерашните заеднички барања на НУК со здруженијата Еснаф од Битола, Прилепски меанџии од Прилеп, Тиквешки угостители од Кавадарци, Бисер од Куманово, ЗУТ Крушево од Крушево, Антигонеа од Неготино и Охрдиски еснаф од Охрид и очекувањата на сите реномирани членки – угостители здружени во овие здруженија со илјадниците угостителски работници вработени кај нив очигледно дека не беа разгледани ниту дискутирани на состанокот на Комисијата за заразни болести.

“Како реномирани македонски угостители не ни останува ништо друго освен во моментов максимално да ги почитуваме одлуките и препоракати што Комисијата за заразни болести ги даде во интерес на јавното здравје. Сакаме да напоменеме дека како што е обврската на Министерот за здравство Венко Филипче да делува во интерес и заштита на здравјето на граѓаните, на Независната угостителска комора и останатите здруженија е исто така обврска да ги заштитат интересите и здравјето на сите угостители и угостителски работници кои се погодени од одлуките и мерките кои се носат во име на пандемијата Ковид-19“, пишуваат од НУК.

Според нивните груби првични економски процени новата рестриктивна мерка на угостителите ќе донесе директни загуби односно штета во висина од 18 до 22 милиони евра во угостителската индустрија кои доколку Владата не интервенира на време ќе мора угостителите самостојно да бараат начини да ја покријат и покрај тоа што нема да бидат во можност да работат.

Новата одлука ќе примора дел од угостителите да направат повторно рационализација на трошоците, особено во делот на вработените, со исклучок на оние што успеале да користат субвенции за плати кои се приморани да ги задржат своите вработени и во наредните два месеци, и покрај тоа што нема да можат да работат односно нема да имаат услови да обезбедат работа и остварување на приходи.

Фото: Pixabay