
На Волстрит во среда, индексите на берзата останаа речиси непроменети, блиску до рекордни нивоа, додека инвеститорите ги следеа настаните на Блискиот Исток и коментарите на претседателот на Федералните резерви.
Индексот Дау Џонс ослабе за 0,25 проценти, на 42.982 поени, додека S&P 500 остана речиси непроменет на 6.092 поени. Индексот Насдак, од друга страна, зајакна за 0,31 проценти, на 19.973 поени.
Растот на Насдак главно се должи на скокот на цената на акцијата на Нвидија за повеќе од 4 проценти, на рекордни 154 долари.
Благодарение на тоа, производителот на чипови стана најголемата компанија во светот според пазарната вредност од 3.770 милијарди долари, малку повеќе од Microsoft и Apple.
Цената на акциите на Nvidia нагло падна во април, но скокна за 24 проценти во мај и за 14 проценти досега во јуни, што е големо изненадување, со оглед на тоа што компанијата во мај изјави дека кинескиот пазар е практично затворен за некои од нејзините чипови.
Инвеститорите вчера беа фокусирани и на ситуацијата на Блискиот Исток, односно на понатамошното смирување на тензиите меѓу Израел и Иран, откако еден ден претходно постигнаа договор за примирје.
„Се соочивме со зголемување на царините и драма на Блискиот Исток, но акциите сè уште се пркосни и растат, со оглед на тоа што американската економија е доста отпорна“, вели Рајан Детрик, стратег во Carson Group.
Фокусот беше ставен и на вториот ден од сведочењето на претседателот на американската централна банка, Џером Пауел, во Конгресот. Пауел повтори дека Фед е во добра позиција да чека податоци за тоа како зголемувањето на царините влијаело врз економијата и инфлацијата.