Објавен јавниот повик за доделување на концесија за хидроелектрични централи на Црна Река

31

Владата објави Јавен повик за доделување на концесија за користење на вода за производство на електрична енергија од хидроелектрични централи на Црна Река. Проектот ќе биде доделен преку транспарентен и конкурентен процес.

Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) ја ангажираше International Finance Corporation (ИФЦ- Групација на Светска банка) да постапува како советник за Проектната трансакција.

Понудите треба да бидат поднесени најдоцна до 10:00 часот на 16.04.2014 година на адресата на Министерството за животна средина и просторно планирање.

Проектот ќе биде доделен на понудувачот кој понудил највисок процент на влог на АД ЕЛЕМ во заедничко вложување, којшто не може да биде помал од 35%, под услов дека ги исполнува критериумите за квалификација и има доставено технички и финансиски задоволителни информации, кои суштествено одговораат на барањата на тендерската документација.

Како што информираат од МЖСПП, содржи добивање концесија за вода од Црна Река за производство на електрична енергија, вклучувајќи ексклузивно право за дизајнирање, градење, управување и одржување на ХЕЦ Чебрен, ексклузивно право за управување и одржување на постоечката ХЕЦ Тиквеш и ексклузивно право за дизајнирање, градење, управување и одржување на ХЕЦ Орлов Камен врз основа на условите наведени во договорот за концесија за период од педесет и две години.

Во проектот се содржи и воспоставување на заедничко вложување со ЕЛЕМ врз основа на условите наведени во договорот за заедничко вложување и пренос на концесијата на новоформираното заедничко вложување. Процентот на учеството на ЕЛЕМ во основната главнина на заедничкото вложување ќе биде утврден од страна на најуспешниот понудувач во неговата понуда. ХЕЦ Чебрен и Тиквеш, по вложувањето во заедничко вложување и опционално ХЕЦ Орлов Камен ќе работат како независни производители на електрична енергија на домашниот и на меѓународниот пазар на електрична енергија”, се наведува во соопштението.