Објавена листата на 100 највредни компании во светот – Европа ја губи трката

143
Logo Mockup Collection by Asylab

За првпат нема ниту една германска компанија меѓу 100-те највредни компании во светот. Нафтена компанија од Саудиска Арабија е прва во рангирањето, во кое доминираат компании од САД. Европа е во лоша позиција, се вели во извештај на радио Дојче веле.

Германските компании сè повеќе ја губат вредноста на светските берзи.

Додека на крајот на 2007 година имаше седум германски компании меѓу 100-те највредни, на крајот на 2021 година останаа само две, а во првата половина на 2022 година ниту една германска компанија не е застапена на ова рангирање. Ова е резултат на студијата на ревизорско-консултантската компанија EY, се наведува во текстот.

Најдобро рангирана софтверска компанија со седиште во Германија е SAP, која со пазарна вредност од 106 милијарди долари е само на 113-то место. Германски Телеком е на 120 место со 98 милијарди долари, а на 74 место е Линде (индустриски гас) кој од спојувањето со Праксер има седиште во Ирска, пренесува Блиц.рс.

Со пазарна вредност од 2,3 трилиони американски долари, нафтената компанија Сауди Арамко е најскапата компанија во светот – по што следи американската Епл. Генерално, малку се промени во доминацијата на фирмите со седиште во САД на глобалните берзи. Сега ги има 60, а пред шест месеци имаше 61.

Меѓу првите 10 се Мајкрософт, Алфабет, Амазон, „Тесла“, инвестициската компанија Беркшир Хатавеј, здравственото осигурување UnitedHealth, Џонсон и Џонсон и Фејсбук групата Мета.

Највредна европска компанија е швајцарската Нестле – на 20 место. Според ревизорите, на крајот на 2007 година, односно пред финансиската криза, меѓу 100-те највредни компании во светот, 46 биле од Европа. Сега останаа само 16.

Падот на глобалните цени на акциите, предизвикан од војната на Русија против Украина, загриженоста за рецесијата и зголемувањето на каматните стапки збришаа трилиони долари во вредност во првата половина на 2022 година.

Само пазарната капитализација, односно вредноста на акциите со кои се тргува на берзата, од 100-те најскапи компании падна во првите шест месеци од оваа година за 17 отсто или 6,1 трилиони долари, на околу 29,8 трилиони долари. Во исто време, технолошките компании паднаа за дури 28 отсто.

Спротивно на тој тренд, нафтените и гасните компании меѓу првите 100 ја зголемија својата берзанска вредност за 19 отсто.

„Неодамна, инвеститорите повеќе се фокусираат на профитабилноста отколку на растот. Парите веќе не се даваат така лесно, се зголемуваат барањата од компаниите во кои се инвестира“, објасни Хенрик Алерс, извршен директор на EY Германија.

Иако многу водечки фирми продолжуваат да бележат високи профити, сегашната ситуација доведе до длабока неизвесност, вели Алерс. Тој очекува многу тешка втора половина од годината:

„Се трупаат лоши вести, мора да се надминат многу кризи, од кои некои се разгоруваат една со друга. Опасноста од глобална рецесија сега е реална“, истакнува тој.

Алерс верува дека дигитализацијата, на која пандемијата на коронавирус и даде огромен импулс, веројатно ќе има одлучувачко влијание врз економијата и берзите во годините што доаѓаат.

И тука Европа и Германија се слабо позиционирани. Од 23-те технолошки компании моментално во првите 100, 17 се со седиште во Северна Америка, четири во Азија и само две во Европа. Според Алерс, трендот на дигитализација доведе до намалување на тежината на Европа на светските берзи во последните години.