Објавени повици за пет мерки – земјоделците да ја искористат поддршката

26

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски и директорот на Платежната агенција Никица Бачовски денеска соопштија дека се објавени пет јавни повици од Програмата за рурален развој: за руралните жени – носители на носители на земјоделски стопанства, за набавка на трактори, за набавка на силоси за жито, за набавка и опремување мандри, како и за набавка на опрема за производство на тутун.

Николовски и Бачовски на прес-конференција во Владата информираа дека рокот за поднесување барања е до 20 мај 2022 година и апелираа земјоделците да ја искористат поддршката.

Од петте повици, нагласија, три се однесуваат на целосно нови мерки, за набавка на силоси, за изградба на мандри и за набавка на производна опрема за тутун. Останатите два, се за рурални жени и трактори, мерки кои континуирано се спроведуваат.

Министерот и директорот најавија повици за уште две мерки: млад земјоделец и набавка на специјални комбајни за ориз.

-Целиот пакет мерки за кој објавуваме јавни повици во рамки на Националниот план за производство на храна преку Програмата за рурален развој, изнесува 500 милиони денари, истакнаа Николовски и Бачовски.

Информирајќи детално за секој од петте повици, министерот потсети дека мерката за руралните жени е првпат воведена во 2019 година.

-Доделените 250 грантови досега покажуваат дека ова е успешна приказна и токму тоа не мотивираше годинава максималниот износ по корисник да го зголемиме двојно, од досегашните 3 000 на 6 000 евра. Ги повикувам сите жени земјоделки да ја искористат оваа можност од државата, да аплицираат на јавниот повик и да ги реализираат своите бизнис идеи, рече Николовски.

Вториот јавен повик, за модернизација на земјоделски стопанства, се однесува на поддршка за набавка на трактори.

-На минатиот јавен повик од оваа мерка беа склучени договори со 540 корисници со вкупен износ од 206 милиони денари. Ова е доволен доказ за големиот интерес кај земјоделците за оваа мерка. Овој јавен повик има за цел да ги поттикне производителите на поледелски и индустриски култури да набават соодветни трактори за да ја зголемат продуктивноста. Производителите на пченица, јачмен, пченка, сончоглед и другите житни и индустриски култури треба да ја искористат оваа можност која им ја нуди државата, подвлече министерот.

Според него, за зголемување на складишниот капацитет на сточна храна за сопствени потреби се воведува мерката набавка на силоси. Целта е сточарите да обезбедат доволно количини во екот на жетвата како механизам за намалување на негативни влијанија од пазарот и поголема стабилност и снабденост на фармите.

-Дополнително, за сточарите воведовме и наменска мерка за изградба на мандри. Со оваа поддршка овозможуваме на своите бачила одгледувачите да инвестираат во објекти за преработка на млекото од сопствено производство што ќе придонесе поголеми приходи, развој на крајни производи и подобар пласман, објасни Николовски.

За тутунскиот сектор предвидена е поддршка за набавка на производна опрема.

-Ги повикувам сите тутунари со површини од над 0,5 хектари да ја искористат оваа можност за да го модернизираат своето производство преку набавка на нови машини за расадување и нижење тутун, како и конструкции за сушење на тутунот, рече министерот и дополни дека очекува рекордно висок број апликации за повиците.

Директорот на Платежната агенција Бачовски ги прецизираше условите за доделувањето на поддршката од петте повици.