Во присуство на голем број на земјоделци, претставници од општината Чешиново-Облешево и од подрачната единица на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, денеска во Облешево е формирана земјоделската задруга Агро обнова.
“Ова е втора задруга која се формира на подрачјето на Кочанскиот регион, по онаа во селото Горни Полог. Со активностите за формирање на задруги ќе се продолжи и во следниот период”, рече Влатко Минов, раководителот за ПЕ за земјоделство во Кочани.
Томе Стојановски, управителот на земјоделската задруга Агро обнова информираше дека во задругата членуваат 11 земјоделци кои се здружени со сопствен земјишен фонд од 42 декари во вредност од 20.000 евра, како и сопствена земјоделска механизација.
Задругата ќе работи на подрачјето на општината Чешиново-Облешево и ќе ги користи бенефитите од Владата на Република Македонија и ресорното министерство како што се набавка на механизација, субвенции и други поволности.