Започнаа обуките за информирање и запознавање на овластените инспектори и комунални редари од сите општини во земјава, за новите предлог закони од областа на управување со отпадот што се во владина процедура, а воедно и запознавање со предлог текстот на Националниот план за Управување со отпад 2020-2030 година. Во насока на запознавањето на надлежните лица во општините со измените и новините што се предвидува со законски измени од областа на третманот и собирањето на отпадот, ќе се организираат четири обуки организирани по региони и тоа, Југозападен и Пелагониски Регион, Вардарски и Југоисточен Регион, Источен и Североисточен Регион и Скопски и Полошки регион.
Работилниците се организирани од Здружението на граѓани за заштита на животната средина и просторно планирање Планктониум.
“Веќе се постигнати одредени успеси во поглед на носење нова законска рамка за управување со отпад, која е хармонизирана со законодавството на ЕУ. Но, носењето на законите нема да има големо значење доколку не бидат спроведени соодветно. Едни од клучните чинители во овој процес се инспекторите и редарите, бидејќи надзорот на овие закони и нивното спроведување е поделен помеѓу неколку инспекторати во земјата. Поради овој факт сега се фокусираме на правилната обука на овие чинители во сите општини во државата за истите да бидат поподготвени во нивната примена“, изјави Ана Стојановска, претседател на граѓанското здружение Планктониум.
Во текот на обуките беа презентирани и потенцијалите на Цементарница Усје АД Скопје во процесот на интегрирано управување со отпадот и неговата реупотреба. Дополнително на тоа презентирани се и досегашните децениски искуства на земјите членки на ЕУ и вклучувањето на цементната индустрија во овој процес, следејќи ги најдобрите европски практики за намалување на стакленичките гасови во воздухот и заштита на животната средина.
Во следниот период инспекторите и комуналните редари од општините ќе ја посетат Цементарница УСЈЕ АД Скопје за што подетално да се запознаат со можностите.
Во текот на сите обуки запазени се препорачаните мерки и протоколи за заштита од ширењето на Ковид-19 вирусот.
Здружението работи на волонтерска основа и главно се занимава со прашања поврзани со животната средина, едукација на општата јавност и развивање на еколошката свест од најмала возраст, помагање во имплементирањето на националните закони, енергетска ефикасност и свест за климатските промени, пошумување на голи површини, сеопфатна грижа за водените еко-системи т.е. се што значи поддршка на заштитата на животната средина.
Министерството за животна средина и просторно планирање во соработка со сите засегнати страни подготви пакет закони од оваа област меѓу кои и нов Закон за управување со отпад и пакет закони за проширена одговорност на производителите на текстил, масла, гуми, искористени возила, пакување, батерии и електрична или електронска опрема. Со носењето на овие закони и Националниот план за управување со отпадот 2020-2030 значително ќе се подобри состојбата со собирањето и третманот на отпадот.